1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Тоа не е криминално... само е глупаво

Поранешниот германски претседател наводно ја искористил државната функција за личен профит, но досегашниот тек на судењето тоа не го потврди. Она што останува е глупоста во вршењето на функцијата, смета Фолкер Вагенер

Се работи за околу 750 евра. Посета на Октоберфест во Минхен, вечера, сметка за преноќување во хотел и трошоци за чување на детето. Вулф наводно прифатил сето тоа да го плати еден филмски продуцент. За возврат, требало да ургира за еден филмски проект на продуцентот да добие државни пари. Тоа се случувало во 2008. кога Вулф беше премиер на Долна Саксонија.

Судењето сѐ уште не е завршено, но досега сослушаните не ги потврдија сомнежите на државното обвинителство за корупција и злоупотреба на функцијата. Тоа е делумна победа за Вулф. Но и тој и обвинителството сакаат да се борат до крај.

Вулф сака ослободувачка пресуда од прва класа. За него тоа е минимумот по мачното и недостоинствено уривање од претседателската должност. Кој што плаќал и дали за знаело семејството Вулф, веќе не може со сигурност да се знае. Поради тоа ниту судот не може да утврди дали постоело свесно и намерно извлекување корист.

Со таквиот тек на процесот, Вулф од правен аспект ќе се „прочисти“. Тоа нему му е сигурно важно и ќе придонесе за неговата делумна рехабилитација. Но, ништо повеќе од тоа. Угледот на политичарот Вулф не може да се врати.

Крај за недостојната игра

Кристијан Вулф, инаку добродушен и љубезен човек, поради мачното заминување од функцијата е веќе доволно посрамотен и исплукан. Судењето, неговиот очекуван крај и ослободителната пресуда ќе му овозможат да добие повеќе нормалност во животот, и приватниот и службениот. Тоа за него е добро.

И за јавната свест е добро нештата да се постават на вистинското место. Вулф, без оглед на сите свои грешки, беше жртва на жолтиот печат. Со години му се додворуваа, а потоа немилосрдно го напаѓаа и го ставија на политички одстрел. Се залета и државното обвинителство. Поради сомнеж за корупција вредна 750 евра да се планира судење од 22 дена и да се понудат илјадници страници документи, тоа е неприфатливо. Особено, доколку на крајот на остане ништо повеќе од големата теза за скандал на „корумпираниот сојузен претседател“. Тоа е и доказ дека како политичар, човек може да изгори на големата јавна сцена не само формално правно, доволна е само одредена доза на глупост во вршењето на должноста.