1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Тоалет - криза“ на Бундесверот во Турција

Неочекувани проблеми за германските војници во мисијата Патриот во Турција: главна тема на контингентот не се потенцијалните закани од сириските ракети, туку јавниот спор околу сместувањето на војниците.

Прошетка низ градот во маичка и фармерки, купување разгледници и накит, пробување крем-сладолед, по кој Караманмараш е познат во цела Турција: германските војници од мисијата Патриот во јужна Анадолија само ретко можат на ваков начин да ја доживеат земјата-домаќин. Жителите на Караманмараш им се исчудуваат на Германците, известува турскиот локален печат деновиве. Навистина, ова е првпат во градот да се стационирани сојузнички воени трупи. Тие треба со противракетните одбранбени системи Патриот да обезбедат заштита од можен напад од Сирија.

Но, оваа премиера има и многу непријатна страна: меѓу германските и турските војници во Караманмараш се разви спор околу сместувањето на единицата на Бундесверот. Станува збор за нечисти тоалети, кучешки трупови и насилни турски офицери, како што извести ополномоштеникот на германскиот Бундестаг, политичарот од Либералната партија, Хелмут Кенигсхаус пред неколку дена. Неговиот извештај на виделина ги изнесе проблемите кои постојат со недели во Караманмараш.

18.12.2012 DW KARTEN Türkei, Kahramanmaras, Syrien, Grenze, Bundeswehr deu

Регионот во кој е сместен германскиот контингент во Турција

„Некои несигурности“

Германскиот командант Маркус Елерман оттогаш мора да употреби вистинска вештина, за својот турски партнер да го наведе да поработи на проблемот, откако од Берлин стигна гласен приговор. На турска страна постојат „некои несигурности“, соопшти Елерман за Дојче веле од Караманмараш телефонски.

Дури и турскиот Генералштаб во Анкара се јави за збор во врска со хигиената во тоалетите и заедничкото користење на спортските терени, што не се случува секој ден. Резиме од соопштението за печат на две страници од Генералштабот: германските обвинувања се без основа. Потврдена е само информацијата дека германските војници во касарната Гази не смеат да користат никакво знаме или амблем од нивниот роден регион.

Командирот сака да ги „пегла“ бранувањата

За некој како Елерман, кој на лице место треба да ги регулира работите, дебатата тече во погрешен правец: целата работа доби „преголем публицитет“. Тој има „вистинско разбирање“ за неговите турски колеги. И Франк Зарах, портпарол на германскиот контингент, за Дојче веле истакнува дека сосем добро се сложува со турската страна:

„Постојат некои разлики, но човек не може да очекува поинаку“.

Во неменливоста на нештата улога игра и германската воена бирократија. Така, турските домаќини на почетокот од годинава со цела брзина преуредија сместувалишта за германските војници во касарната Гази. Но, иако се‘ беше готово на 22 февруари, војниците се‘уште не се сместени во реновираните простории: Елерман мора да чека зелено светло од германските контролори. Откако Турците реновираа со „полн гас“ сега гледаат како германските прописи ја одолговлечуваат целата работа, вели Елерман: „Тоа е тешко сфатливо“, смета командантот, и има разбирање на лутината на Турците.

Сега и НАТО е на ред?

Елерман напротив нема разбирање за турското претставување на случајот- немало инцидент во кој турски генерал удрил германска жена-војник. Инцидентот може да се докаже, вели германскиот командант, но и за оваа тема тој би сакал да се расчисти без јавно вмешување од Берлин и Анкара.

Мисијата на Бундесверот во Турција е комплицирана и без најновиот спор. Ангажманот на НАТО во Турција кај левите и турските националистички групи предизвикува жесток отпор. На почетокот од годинава германските војници во пристаништтео Искендерун беа нападнати од противници на НАТО, кои ги сметаа за Американци. И во самиот Караманмараш на помал протестен собир беше запалено знамето на НАТО.

Елерман мора да биде подготвен за проширување на спорот околу сместувањето на германските војници. Според турските медиуми, сега се вклучува и Главниот штаб на НАТО во Брисел, конечно, се работи за ангажман на Алијансата за сојузникот Турција. Претставници на НАТО уште минатите денови се појавиле во Караманмараш. Зарах, портпаролот на германскиот контингент меѓутоа истакнува дека посетата немала врска со тоалет-кризата. Но, може ќе треба да помине долго време додека да се воспостави повторно нормално секојдневие во мисијата.