1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Титула за голема радост

МЗТ Скопје, новиот кошаркарски првак на Македонија, деновиве гламурозно ја слави првата шампионска титула. Во финалето од доигрувањето популарните „Штркови“ го надиграа сега екс-првакот Фени Индустри.

МЗТ Скопје неколку децении е врвна кошаркарска средина во Македонија. Клуб со богато минато, со учества во екс-југословенската Прва лига, со победи над големи имиња во европските купови, меѓу кои и бисерната над великанот Реал Мадрид. Но, дури во 20-то издание од шампионатот на Македонија се оствари сонот на многуте генерации. Ацо Тодоров го водеше тимот до историскиот клупски успех.

„Ова не е најдобрата генерација на играчи. МЗТ имал играчки посилни генерации. МЗТ имал и подобри тренери, создал кошаркарски легенди. Меѓутоа, од разни причини досега не успеале во тоа што ние го постигнавме оваа година - да ја освоиме титулата“, вели тренерот Тодоров.

Mazedonien Basketball Trainer

Тренерот на МЗТ Тодоров оценува дека првенството било најсилно до сега

Засилен кадровски, организационо и пред се’ играчки, МЗТ Скопје особено во финалето против ФЕНИ ја покажа вистинската моќ. Според Тодоров во Лигата оваа година имало финансиски посилни клубови, а за успехот на МЗТ пресудни биле хомогеноста и тимскиот дух.

„Финансиски, ФЕНИ имаше поскапа екипа од МЗТ. Ние успеавме да направиме добар спој на двајцата репрезентативци, искусни под кошевите, а тоа се Гечевски и Чековски. Имавме четворица странци, кои дојдоа од колеџи од САД, кои не беа особено скапи. Имавме добри и квалитетни македонски играчи. Составивме добра целина, која тимски функционираше, а тој тимски дух се пренесе на теренот“, вели Тодоров.

Најсилно првенство до сега

Колку е силно ехото, што останува зад штотуку завршеното кошаркарско првенство. За Тодоров ова е најсилниот шампионат во последните неколку години.

„Јас не бев присутен во изминатите неколку години во Македонија, но за мене ова е најсилното првенство во историјата на македонската кошарка. Имаше 5-6 рамноправни екипи. Покрај ФЕНИ, тука беше Торус финансаиски помоќен од кога и да било досега. Потоа Лирија, Куманово и нормално Работнички. Работнички, каков- таков во моментов, кога игра со МЗТ Скопје - тоа е секогаш големо дерби“, нагласува тренерот на МЗТ.

АБА лигата, нов предизвик

МЗТ Скопје од есен ќе стартува во силната и се попопуларна Јадранска или АБА лига во која играат Макаби, Цибона, Партизан, Олимпија... Со сегашниот клупски капацитет, ќе можат ли „металците“ да се носат рамноправно во оваа лига? Тодоров вели тоа е лига која бара далеку повисоки критериуми.

Pero Antic, Kapitän, Mazedonischer Basketball Team, Skopje, 15.08.2010, Petr Stojanovski(Basketball Mazedonien, Pero Antic)

Перо Антиќ преку подготвките за Лигата на шампионите до олимписките квалификации

„Дефинитивно, треба да се засили и играчкиот состав и стручниот штаб. Во план е засилување и на организацискиот дел. Во секој случај мора да се засилиме во сите сегменти“, забележува Тодоров.

Дојче веле го праша него: Останувате ли во клубот? „Па, се надевам“, вели тренерот на МЗТ.

Како Ацо Тодоров ја оценува формата на репрезентативците, кои играат во Македонија, а ги очекува квалификациониот турнир за Олимпијадата?

„Гечевски и Чековски беа најдобрите играчи на македонското првенство во оваа сезона. Тоа е добрата вест за селекторот Лазовски. Окосницата и силата на македонската репрезентација се сепак интернационалците. Илиевски е се’ уште во фаза на натпреварување и ќе дојде подготвен. Мекејлеб, исто така. Тука се Самарџиски и Антиќ, кој се подготвува за Лигата на шампионите во Истанбул. Така што тој ќе треба да се позанимава само со формата на неколкумина играчи, кои настапуваат во Македонија. Знаејќи го  Лазовски, сигурен сум дека ќе состави добра репрезентација и добро ќе игра. И не само што му посакувам, туку очекувам дека ќе се пласираме на Олимпијадата во Лондон“, оптимист е Ацо Тодоров.