1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Титулата оди во Загреб, СЕХА лигата напредува

Ракометарите на Кроација Осигурање ја освоија титулата во СЕХА лигата. Во драматичното финале во Скопје, хрватскиот првак го совлада Вардар Про со 25:24 дури во продолженијата, откако натпреварот заврши нерешено 21:21.

Мешков Брест од Белорусија, Кроација Осигурање од Хрватаска и двата македонски претставници Металург и Вардар Про (на фотографијата горе сцена од натпреварот Металург-Вардар) беа актерите на завршниот турнир во Скопје. Загрепчаните и‘ се радуваат на титулата. Интересни натпревари, квалитетен ракомет, добра посетеност, беше амбиентот во кој е заокружена ракометната лига од регионален карактер. Какви се првичните оценки за втората сезона на одржување на СЕХА лигата? Тренерот на Кроација Осигурање, Борис Дворшек вели:

„Мислам дека СЕХА лигата чекори напред и, според мене, заслужува повисока оценка во однос на претходната сезона. Завршниот турнир во Скопје, добро организиран, придонесе успешно да биде заокружено годинешново натпреварување.“

Левче Китевски, директор на РК Металург од Скопје е со следново видување на штотуку завршената сезона:

„Од организаторски аспект, СЕХА лигата се‘ уште е далеку од стандардите во Лигата на шампионите. Треба се‘ уште многу работи да се менуваат и подобрат. Што се однесува до квалитетот на екипите, тој е добар.“

Михајло Михајловски, кој деновиве станаа нов претседател на СЕХА лигата смета дека е направен прогрес во однос на претходната година:

„Имавме значително подобрување, попрофесионален однос од екипите, кои се придржуваа до прописите, 90% од натпреварите се одиграа во предвидените термини. Видовме фантастичен завршен турнир, особено резултатски неизвесен.“

Каква СЕХА лига во наредната сезона?

Какви се очекувањата во пресрет на третата сезона на СЕХА лигата, со најавите дека одново се приклучуваат и екипи од Србија, а има интерес и од Унгарија? Дворшек верува во блескава перспектива на ова натпреварување:

„Перспективата е одлична. Моето мислење е дека за 2-3 години тоа ќе биде најдоброто натпреварување, после Бундеслигата. Избраниот пат е добар, особено со влегувањето на Србија и Унгарија. Конкуренцијата е се‘ посилна, квалитетот се подобрува. Гледајќи низ призма на мојот клуб, многу млади наши играчи добија шанса за калење, што е добра подготовка за мечевите во Лигата на шампионите.“

Mazedonien Handball Mihajlo Mihajlovski

Михајло Михајловски: СЕХА лигата бележи напредок

Китевски иднината ја гледа низ потпишување на добар договор за спонзорирање на СЕХА лигата:

„Се‘ уште не ги знаеме деталите за преговорите со ’Газпром’. Ако договорот се реализира и ако се приклучат екипи од Србија и Унгарија, тоа ќе биде лига за респект. Во тој случај би се поставиле правила на однесување во лигата без отстапки.“

За случувањата околу СЕХА лигата во моментов Михајловски вели:

„Го потпишавме договорот за спонзорирање со ’Газпром’,а со тоа добиваме стабилен спонзор. Лигата станува се‘ подобра, поорганизирана, попрофесинална, се‘ позначајна за ракометот во овој регион. Од Србија сигурно се приклучуваат екипите на Партизан и Војводина. Од Унгарија се‘ уште размислуваат, бидејќи нивните барања се да настапат со 3 екипи, а според прописите една земја може да има најмногу две екипи. Тие инсистираат и на организирање на наредниот завршен турнир, но условот за тоа е да имаат екипа која ќе е пласирана на едно од првите 4 места. Следната недела ќе имаме средба со Унгарците, на која ќе биде дефинирано дали Веспрем и ПИК Сегед ќе станат дел од лигата“, најавува претседателот на СЕХА лигата, Михајло Михајловски.