1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Титанска задача за Бајер Леверкузен

Во синоќешните (06.03) први мечеви од осминафиналето на Лигата на шампионите, Арсенал не успеа да дојде до голем пресврт во дуелот со Милан, додека Бенфика беше сигурна против Зенит.

default

Томас Росицки (Арсенал)

Фудбалерите на англискиот Арсенал се најдоа на чекор до сензација, но и покрај победата од 3:0 во реванш-дуелот против италијанскиот Милан не успеаја да ја достигнат негативата од четири гола од првиот меч. Португалската Бенфика, со сигурна игра пред домашните навивачи, со 2:0 го совлада рускиот Зенит и обезбеди пласман меѓу осумте најдобри во Европа.

Иако се најавуваше целосна офанзива, малкумина веруваа дека младиот тим на Арсенал е способен да го надигра искусниот тим на Милан. Но голот на Кошиелни уште во седмата минута го отвори мечот и им даде верба на играчите на Арсенал. До полувремето веќе беше 3:0 и изгледаше дека Милан ќе нема сила да се спротивстави на големата офанзива. Но, во второто полувреме Милан го покажа и своето позитивно лице. Италијанците успеаја да ја „забават“ играта, притоа и да промашат неколку чисти шанси за гол, но најважно од се’ ги ставија под контрола брзите напаѓачи на Арсенал.

По слично сценариото се одвиваше и мечот во Лисабон, иако таму Бенфика немаше потреба да брка огромна предност на противникот. Зенит водеше со 3:2 од првиот меч, но се одлучи за целосна дефанзива и чување на предноста. Бенфика поведе во 45-та минута со голот на Переира. Во второто полувреме Русите се обидоа да се вратат во мечот, но Оливеира по една брза контра во 90-та минута им ја запечати судбината.

Историска шанса за Кипраните

Champions League 2011 / 2012 Achtelfinale Bayer 04 Leverkusen gegen FC Barcelona

Леверкузен бара начин како да се сопре Меси

Бајер Леверкузен денеска патува на мегдан на европскиот и светски првак Барселона, на натпревар на кој нема што да загуби. Барселона славеше на првиот меч во Леверкузен со 3:1 и се’ освен нова победа на големиот фаворит ќе биде големо чудо.

Поинтересно, барем според резултатот од првиот меч, треба да биде на Кипар, каде Апоел го пречекува францускиот Лион. Французите имаат предност од 1:0 од првиот дуел. Апоел веќе оствари историски успех со самиот пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите, како прв тим од таа земја кому му пошло тоа од рака. Но, тимот во кој главна ѕвезда е македонскиот репрезентативец Иван Тричковски има причина да се надева и на повеќе. На Лион сезонава не му оди многу добро во домашното првенство каде се наоѓа на седмата позицијата, а играчите се под голем притисок да остваруваат резултати. Покрај тоа, Французите имаат и неколку повредени и казнети играчи.

Автор: БГ/КК/афп

Редактор: Е.М.Фиданоска