1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Тисен Круп во сериозни тешкотии

Германскиот концерн, соочен со огромни загуби, принуден да продава делови кои успешно работат, за да обезбеди пари што му се неопходни. Тисен Круп делумно ја напушта базичната дејност - производство на челик.

default

Логото на концернот Тисен Круп

Во ноември минатата година раскошно беше прославена 200-годишнината од основањето на Круп. Набргу потоа дојде отрезнувањето. Изминатата деловна година Тисен Круп АГ ја заврши со загуба од 1,8 милијарди евра, откако во годината пред неа постигна добивка од 927 милиони. Концернот, кој ширум светот вработува 177 илјади луѓе, се наоѓа во големи тешкотии, а подобрување засега не е на повидок - и првиот квартал од деловната 2011/2012 година донесе загуба од 480 милиони.

Затоа Хајнрих Хизингер се зафати со пренасочување на концернот на чие чело се наоѓа од пред приближно една година. Тој се реши за продажба на оддделот за челик, што треба да ги донесе итно неопходните пари. „Сакаме да го намалиме степенот на задолженост на нашето претпријатие, да го подобриме нашиот рејтинг и среднорочно повторно да имаме поголем простор за да можеме да инвестираме во другите наши бизниси“, рече Хизингер при претставувањето на билансот на претпријатието.

За претседателот на советот на вработените во челичарницата во Бохум решението за продажба на Тисен Круп Нироста на еден фински концерн претставуваше изненадување. Франк Клајн укажува дека товарот на долговите е резултат на огромните суми вложени во изградба на челичарници во САД и Бразил, но дека не очекувал да биде продаден одделот за челик.  

Промашувања во ангажманот во САД и Бразил

Thyssen Krupp Stahl-Werk

Челичарница на Тисен Круп

Тој оддел со години постигнува добивки од повеќе од половина милијарда евра, но тие пари, според Клајн, биле веднаш реинвестирани во Шангај, Америка или каде и да е. Погонот во Бохум постигна договор со новиот сопственик од Финска со гаранции за опстанок до 2016, а потоа одново ќе бидат преиспитани економичноста и продуктивноста, од што ќе зависи натамошната иднина. Но, веќе е јасно дека на погонот во Крефелд му доаѓа крајот во 2013 година - заедно со него и на ладната валавница и на уште еден погон. Клајн смета дека во краен биланс тоа значи оти 2500 луѓе ќе останат без работа.

Ангажманот во областа на челикот во САД на „глобалниот играч“ Тисен Круп му носи загуба од три милијарди евра. Тамошната фирма-ќерка Стил Америкас се покажа како буре без дно. Уште поголеми проблеми предизвика градењето на челичарница во мочуришен предел во Бразил - наместо планираните 1,3 милијарди, трошоците на проектот достигнаа 8 милијарди и тој уште никако да фати чекор. Изградбата на неопходната коксарница концернот не му ја додели на своја премиум фирма-ќерка, туку на едно кинеско претпријатие, кое не ги исполни поставените задачи. Згора на се’ уште во моментов во Америка нема ни побарувачка!

Раководството „слепо“ за проблемите

Наидувањето на ваква катастрофа, се чини, никој во раководството на концернот не сакал или не смогнал сили да го види. „Од денешен агол на гледање знаеме дека многу одговори на Управниот одбор на прашања од Надзорниот одбор подоцна се покажаа како преоптимистички, нецелосни, а делумно и погрешни“, нагласи Герхард Кроме, претседател на Надзорниот одбор, на собранието на акционерите.

Но, тоа не му помага многу на Хајнрих Хизингер, кој во меѓувреме стана шеф на Управниот одбор. Тој сега се труди да го насочи концернот кон помирни води. Неговиот курс, се чини, го оддалечува препријатието од неговите корени. „Нам ни пречи што мнозинството луѓе и многумина клиенти Тисен Круп честопати го поврзуваат исклучиво со челик. Ние денес сме многу повеќе од тоа“, рече Хизингер.

Лифтови наместо челик

Во најново време концернот инвестира во купување удели во американски претпријатија за лифтови, област во која веќе е водечки на пазарот. Желба е по секоја цена да се зацврсти таа позиција. Потоа, концернот планира засилен меѓународен ангажман и во областа на производство на машини и постројки. Колкав дел ќе биде задржан од бизнисот со челикот, со кој во Европа е постигнат приход од 12,8 милијарди, ќе зависи од продажбата на натамошни погони. Но тука, покрај последиците од финансиската криза, се чувствува и опаѓање на конјунктурата во областа на челикот. Со други зборови: ова е непогодно време за продажба на претпријатија, за да се дојде до итно потребните свежи пари.

Автор: Клаус Дојзе/ Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски