1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Тимошенко? Не, благодариме!

По 2,5 години во затвор, Јулија Тимошенко е повторно на слобода и сака да стане претседателка на Украина. Но се множат гласови против, зашто името на некогаш моќната лидерка на опозицијата не значи и нов почеток.

Црн Мерцедес од С-класа застанува, прозорецот десно позади се спушта - во автомобилот седи Јулија Тимошенко. Поранешната премиерка и долгогодишна опозициона лидерка ужива во првите часови на слобода по 2,5 години во затвор. „Нема да заборавите кој ја носи револуцијата?“, прашува еден човек со благо заканувачки глас. „Нема да заборавам, тоа за мене е најважното“, одговара Тимошенко брзо и мафта со рацете. Изгледа изненадена.

Луѓето кои го запреа конвојот на Тимошенко и на шефот на пратеничката група на нејзината Татковинска партија, Арсениј Јацењук, се дел од опозиционото движење „Самоодбрана на Мајдан“. Не им се допаѓа како владетелски пристигнаа двајцата политичари, вели еден човек.

Стари обвинувања за корупција

Сцената која се одигруваше во Киев вчеравечер (22.02) претставува симбол на ставот кон некогаш моќната опозиционерка. На нејзиниот прв настап на плоштадот на независноста во Киев, 53-годишната Тимошенко најави своја кандидатура на претседателските избори, планирани за крајот на мај. Одушевувањето на десетиците илјади луѓе по настапот на Тимошенко не е преголемо.

Серхиј Лешченко, популарен колумнист на киевскиот онлајн-весник „Украинска правда“, во својот блог напиша: „Јулија, доволно е.“ Процесот против Тимошенко беше мотивиран политички, но сега за владеење со Украина не е на ред Тимошенко, оценува Лешченко. Новинарот смета дека нов претседател треба да биде некој кој не е соочен со сомневања за корупција.

Ukraine Julia Timoschenko Rede Maidan 22. Feb. 2014

Тимошенко вчеравечер на Мајдан

Притоа, Лешченко мисли пред се‘ на минатото на Тимошенко од 1990-тите, како раководител на „Обединети енергетски системи на Украина“, концернот кој има монопол на снабдувањето со гас во земјата. „Мајдан изроди илјадници лидери кои нема да владеат полошо од Тимошенко“, напиша колумнистот.

Ваквото мислење може да се чуе се‘ почесто. „Драга Јулија Тимошенко, ние на Мајдан не демонстриравме за Вас и не демонстриравме за Вашиот заменик Олександер Турчинов“, напиша на Фејсбук една активистка. „И луѓето не гинеа на барикадите за Вас“, констатира активистката, која смета оти е подобро Тимошенко да се лекува во Германија, како што беше планирано, а не да стане претседателка на Украина.

Тимошенко веќе не е галионска фигура

Многумина набљудвачи во Киев се на мислење дека враќањето на Тимошенко во политиката во себе крие конфликтен потенцијал. Сликите на жената со маркантна фризура со венец од плетенки можеше да се види на почетокот на протестите на Мајдан, но барањето за нејзино ослободување никогаш не беше во преден план.

Ukraine Timoschenko Schuldspruch Prozess Urteil Demonstration

Јулија Тимошенко во судската сала по соопштувањето на пресудата во 2011 година

Ниту контроверзниот процес против опозицонерката, ни пресудата против нејзе, есента 2011 година, не мобилизираше маси луѓе. Демонстрираа само неколку стотини нејзини приврзаници. Се чинеше како Западот да е позагрижен за судбината на Тимошенко отколку што се тоа нејзините сонародници.

Многу Украинци сметаат дека Тимошенко е соодговорна за пропаста на т.н. „Портокалова револуција“ во 2004 година, на која Тимошенко беше галионска фигура. Не се заборава и тоа дека во 2009 година таа очигледно беше подготвена да пактира со Јанукович во парламентот, за да се промени Уставот. До тоа не дојде, затоа што Јанукович одлучи поинаку.

Потенцијал за конфликт со Кличко

Се заканува и судир меѓу Тимошенко и Виталиј Кличко. Односот меѓу двајцата опозициони политичари е тензичен со години. Кога Кличко сакаше да стане градоначалник на Киев во 2008 година, Тимошенко одби да му даде поддршка и во трка до испрати својот заменик - Турчинов. Двајцата загубија.

Ukraine Proteste in Kiew 23.01.2014 Klitschko

Кличко се ангажираше на барикадите и се обидуваше да спречи крвопролевање

Тимошенко и Кличко имаат амбиции за претседателската функција и ги најавија своите кандидатури. Нема актуелни истражувања на јавното мислење, но поранешните анкети му даваат мала предност на Кличко кога станува збор за довербата. За разлика од Тимошенко, која беше во затвор, Кличко се ангажираше на барикадите и се обидуваше да спречи крвопролевање.

Тимошенко денеска ја релативизираше својата намера да биде претседателка. Украинските медиуми ја цитираат нејзината изјава дека сега „не е време“ за тоа прашање. Сепак, би било прерано Тимошенко да се отпише. Таа е најискусна и реторички најнадарена политичарка меѓу опозицонерите. Набљудувачите сметаат дека ќе влезе во трка.