1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Те дискриминираат, а тоа нема кој да го види!

Во Македонија, најмногу жалби на тема дискриминација има во случаите при вработување, или на работно место, како и жалби поради дискриминација по однос на пол, вера или политичка припадност. Закон има, но...

default

Бојана Куновска, е млада жена, мајка, но пред се‘, таа е дипломиран психолог и постдипломец. Веќе пет години чека вработување, но одбиена е на сите конкурси на кои се јавила, затоа што освен квалификациите, таа ги нема „најбитните“ нешта во моментов - ниту има врски, ни партиска книшка.

„Се чувствувам дискриминарано ако се земе предвид дека од 2005 година немам шанса за работа. Дипломирав со одлични оценки. Имам голема желба за работа и бев на многу огласи, за различни работни места. Досега никаде не ме примија. Јас давам се‘ од себе, а не ми се дава шанса да го покажам тоа што сум го научила“, вели оваа млада жена.

Бојана е само една од плејадата млади луѓе кои никако да добијат својата шанса. Од овие причини, најчесто, младите во огромен број размислуваат да си заминат од Македонија.

„Мислам дека има дискриминација во многу погледи. Фактот дека многу луѓе си заминуваат од земјата говори дека нешто не е како што треба“, вели Бојана Куновска.

Кој е најмногу дискриминиран?

Серија маргинализирани групи секојдневно се судираат со стигматизација и дискриминација во општеството.

Mazedonien Land und Leute junge Familie im Park

Серија маргинализирани групи секојдневно се судираат со стигматизација и дискриминација во општеството

Проблемот е што тешко се препознаваат и разбираат, а уште потешко им се помага на овие луѓе. Анализите покажуваат дека најголемиот процент од дискриминираните лица се кај ромската популација, потоа кај лицата со поинаква сексуална ориентација, ХИВ-позитивните, сексуалните работнички, корисниците на дроги, лицата со психички и физички пречки и лицата со поинаква политичка опција.

Дали македонското општество полека ја сфаќа и препознава дискриминацијата во секојдневното живеење, како на неа регира и што презема таа да не се повторува?

Славчо Димитров е координатор на коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници. Тој вели дека во моментов е најбитно во Македонија да продолжат дебатите за проблемите на овие групи, да почне да се креира јавна свест за нивните права и дискриминацијата што им се прави на секој чекор.

„Во моментов, во Македонија најмногу загрижува дали судиите и правниците имаат капацитет да препознаваат дискриминација и соодветно да решаваат вакви случаи. Тоа е она на што треба сериозно да се посвети внимание ако сакаме да имаме добра пракса, откако законот ќе стапи во сила и ќе почне да се применува“, вели Димитров.

Нема комисија, нема увид

Една од новините на законот за недискриминација е и формирање на независна комисија која ќе ги испитува

Mazedonien Land und Leute Mann auf Parkbank

Треба да се дебатира за да се подигне свеста на граѓаните

проблематичните случаи на дискириминација. Таа ќе треба да почне со работа од 1 јануари, следната година.

„Годинава го донесовме законот, комисијата се‘ уште не е формирана, туку е во тек нејзиното формирање, и тогаш ќе можеме да кажеме дали има дискриминација и каде таа е повеќе застапена“, изјави министерот за труд и социјална политика Џелал Бајрами, кој заедно со ОБСЕ деновиве ја почнаа кампањата за подигање на јавната свест за дискриминацијата.

„Постоењето на комисија од таков тип, како независно тело, е многу битно и тоа се покажа како добра пракса во многу земји. Она што е многу битно е на кој начин ќе се изберат членовите на таа комисија, нивната стручност, политичка неутралност, нивниот капцитет да препознаваат случаи на дискриминација и нивната иницијативност“, објаснува Димитров.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска