1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Тешко, но разбирливо

Концернот „Аркандор“, кон кого припаѓа и синџирот стоковни куќи „Карштат“, банкротира. Според податоци од фирмата, засегнати се 43 илјади вработени во Германија. Но, банкротот не мора да значи и крај на концернот.

default

На чекањето на државните пари му дојде крај. Берлин го затвори ќесето. Тоа е добро, оти сега сите страни знаат на што се. Секое продолжување на рокот, милостиво одобрено од страна на германската влада за тетеравиот џин „Аркандор“, ќе ги направеше надежта и грижите уште понеподносливи за илјадници соработници. Имено на секој, кој разумно размислува, би морало да му биде јасно: ова е буре без дно. Воздржаноста на сопствениците на концернот - приватната банка Сал Опенхајм и милијардерката Медлин Шикеданц - најверојатно ги убеди и последните доверители, дека нешто не е во ред со структурата на „Аркандор“.

Добро е што германската влада не дозволи да биде уценета по вторпат, по случајот „Опел“. Секако, проблемите на „Опел“ не се исти со проблемите на „Аркандор“. Но причините за нив, како кај производителот на автомобили, така и кај трговскиот концерн, лежат уште долго пред почетокот на кризата. Затоа и поддршката за „Опел“ беше политички грев, што се должи на изборната кампања, која веќе се води во Германија.

На примерот на „Аркандор“ може одлично да се види, што можат да направат неспособни менаџери. Она што почна пред 128 години со основањето на фирмата во Визмар, на Балтичкото море, која потоа се разви до најголем концерн на стоковни куќи во Европа во 70-тите години на минатиот век, заврши како претприемничко фијаско.

Arcandor Karstadt Karl-Gerhard Eick

Карл Герхард Аик

Кога сегашниот шеф Карл Герхард Аик го презема раководењето со концернот „Аркандор“, наследи долг од 950 милиони евра. Тој се бореше, молеше за државна помош во владиниот кабинет, ги уверувеше соработниците дека ќе се бори за секое работно место. Но, кога Берлин јасно кажа: Не очекувајте помош од нас!, тогаш патот до стечајниот судија сигурно не му беше лесен. Ова не мора да значи крај на претпријатието. Цел е со пријавувањето стечај да се санира концернот. Постои можност, поголемиот дел од стоковните куќи да бидат преземени од конкурентот „Метро“ и синото лого на „Карштат“ да биде заменето со зелената табла на „Кауфхоф“. Иако надежта умира последна, ова сепак е тежок удар за повеќе илјади соработници на концернот, чија иднина е неизвесна. Треба да биде прашана и германската влада, зошто попушти во случајот „Опел“, а остана цврста за „Аркандор“? Имено, концептот за санација на „Опел“, врз основа на кој се одобрени милиони од парите на даночните обврзници, е екстремно кревка конструкција. Се’уште не е сигурно дали ќе биде успешен. Не попусто министерот за стопанство Карл Теодор цу Гутенберг ги изнесе своите задршки пред целата јавност и си го нагрби гневот на половина влада. Можно е во не така далечно време да кажеме: човекот беше во право. Кај „Аркандор“ сега се на ред стечајните управници. Тие треба да го водат нејголемиот стечај во историјата на Сојузна Република Германија. Тоа беше црн ден во историјата на еден концерн со богата традиција. Но, можно е да значи и почеток на подобри времиња - без државна помош.

Автор на коментарот: Хенрик Беме

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска