1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тешко е да си просечен Македонец

Македонските граѓани во просек заработуваат најмалку во регионот. Доволно за едвај да се истера месецот, премалку за релаксирано да се поминат празниците.

default

Строга сметка колку може да се потроши

Горан е млад семеен човек, оженет, татко на едно дете. По професија е дипломиран економист вработен во приватна фирма. Како и мнозинството македонски граѓани и тој се обидува да живее нормално, онака, како што се вели, да се истера од први до први во месецот. Не крие дека месечно заработува околу 20 илјади денари нето, што според последните статистички податоци, е просек во државата. Меѓутоа, се жали дека овие пари се далеку од доволни за еден нормален просечен живот. „Ако се купат основните намирници и се платат режиските трошоци, тогаш не останува за ништо повеќе. Камоли ако човек реши да го преуреди домот, или да купи автомобил на кредит. Тогаш ќе мора да бара второ работно место“, вели Горан.

Малкумина просечни можат да си дозволат луксуз

Во приказната на Горан за жал се пронаоѓаат многумина македонски граѓани, пред се‘ оние кои работат во јавната администрација, која важи за репер кога станува збор за македонскиот просек. Анкетата на Дојче веле покажува дека обичните граѓани не можат да се опуштат којзнае колку ниту за периодот на божикните празници.

Kinder schlachten Sparschwein

Ни за децата не останува многу

Штедат и оние со подлабок џеб

Се разбира дека секоја приказна има и друга посветла, поинаква страна. Во услови на економска криза и во Македонија има дел такви кои можат да си приуштат солиден живот. Меѓутоа оние кои добро заработуваат најчесто и не се расположени јавно да зборуваат за тоа. Сепак, ако како репер се земат новогодишните и божикните празници и податоците на туристичките агенции, кои по некое правило во овој период би требало да имаат доста работа, тогаш може да се извлече заклучок дека најголемиот дел од граѓаните решиле малку да го стегнат ременот.

Прогнозите не будат оптимизам

Македонија по просечните плати заостанува речиси од сите републики од поранешна Југославија. Го дели претпоследното место со Босна и Херцеговина, убедливо на дното е Косово. Судејќи според прогнозите на експертите за годинава и проектираниот буџетски раст од два процента, македонските граѓани не можат да очекуваат некакви значајни поместувања кон подобро. Кризата беше главната причина поради која Владата реши да ги замрзне платите и во јавната администрација.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска