1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тешко до датум за преговори, уште потешко без него

Нерешениот спор за името не е единствената пречка за можното недобивање датум за преговори со ЕУ. Причина за тоа се и неисполнетите политички критериуми, тврдат аналитичарите.

Опасност од самоизолација, востоличување на омнипотентна власт и застој во демократските и реформски процеси, прогнозираат политичките аналитичари по рамнодушноста со која македонските политичари ја дочекаа најавата дека Македонија и овој декември нема да добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Премиерот Груевски прв изјави дека не би се изненадил од таков исход.

„Такво нешто не е изненадување, знаејќи го ставот на Грција, нејзините позиции и постојани повторувања дека нема да дозволи Македонија да добие датум додека не се промени името. И, очигледно, тоа се бара согласно со нејзините барања, не само да се промени името и идентитетот, туку и изборот на ново име да биде по нејзина мерка“, рече Груевски.

Ричард Хауит, известувач за Македонија во Европскиот парламент (ЕП), побара Македонија без одложување да ги почне преговорите за членство во ЕУ, бидејќи не е загрозен само кредибилитетот на Брисел и на ООН, чија преговарачка рамка за проблемот со името не дава резултат, туку, пред се‘, стабилноста на земјата.

„Ако застојот продолжи, земјата се соочува со ризик од враќање назад“, истакна Хауит пред Комитетот за надворешни работи на ЕП. За разлика од него, вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими, е оптимист.
„Македонија не е под закана од внатрешна дестабилизација ако не добие датум на декемврискиот самит, а нашата определба за членство во ЕУ останува цврста, без разлика на исходот од Европскиот совет“, оцени Бесими во присуство на директорката на Директоратот за проширување на Европската комисија, Александра Кас Грање, по потпишувањето на новата кредитна линија од европскиот ИПА-фонд за прекугранична соработка.

Mazedonien Mazedonier Menschen Skopje Mazedonische Garde Madezonische Flagge

Се‘ уште е висока поддршката на граѓаните за влез во ЕУ и НАТО, но...

Името не е единствена пречка

Аналитичарите стравуваат дека исходот од декемврискиот самит може да стане опасно и совршено алиби за стагнација на земјата и за натамошен регрес во демократските процеси. Д-р Малинка Ристевска-Јорданова, директорка на Институтот за европска политика во Скопје со жалење констатира дека Македонија веќе е влезена во фаза, во која статус кво во евроинтеграцијата е 'нормална' работа.

„Власта опстојува на тезата дека Македонија остварила сè, а само Грција ѝ е препрека за членство во ЕУ. Вистината е дека власта повеќекратно ја заслабна позицијата на Македонија, и тоа на два фронта. Првиот е во однос на црвените линии во спорот за името, кои не се државни, не се ни владини, туку партиски - на ВМРО-ДПМНЕ. Да сакаше ВМРО-ДПМНЕ да има поцврста позиција на надворешен план, прво ќе изградеше национален консензус за прашањето на името. Навидум 'тврдата позиција' за името се користи за одржување на рејтингот на партијата, а на оние што се занимаваат со 'досието Македонија' во државите - членки на ЕУ и НАТО, тоа им е совршено јасно. Овие наоди се ограничувачки фактор за поддршката во ЕУ и за нашиот став во однос на името. Вториот фронт се демократските процеси. Регресот во функционирањето на институциите и човековите права го покажуваат сите релевантни извештаи на меѓународни и национални владини и невладини организации. Констатиран е и во заклучоците од извештајот на ЕК, кој јасно укажува дека државите членки се загрижени за 'клучните реформски процеси'. Вака изразената 'загриженост' се однесува, пред сè, на исполнувањето на политичките критериуми, а тоа директно го оспорува владиниот став дека 'сите барања на ЕУ се исполнети'“, оценува Ристевска - Јорданова.

Во време кога државното раководство го посочува идентитетот како главна пречка за решавање на спорот за името, а со тоа и за добивање датум за преговори со ЕУ, амбасадорот на САД во Скопје, Пол Волерс, во обраќањето пред студентите на Штуловиот универзитет во Тетово, објасни како Македонија треба да го бара својот модел на идентификација.

„Како жители на Македонија, вие треба да решите како ќе се дефинирате себеси и врз основа на кои вредности. Не можете да се дефинирате по својата националност која е различна, ниту пак по верата, која исто така се разликува или по културата која е слична, но не е иста. Мора да го пронајдете тоа што ви е заедничко. Тоа бара многу поширока дебата. Некои луѓе се обидуваат да создадат идентитет со враќање назад во историјата. Тоа е опасен пристап, бидејќи некои ќе се чувствуваат исклучени. И мислам дека многу луѓе во моментов се чувствуваат запоставени од овој пристап“, изјави Волерс.

Изјавата на Волерс наиде на остри критики од лица и организации кои постојано ја повторуваат тезата дека промената на името ќе значи и губење на идентитот, теза, која повеќе пати е оспорувана од медијаторот во спорот, Метју Нимиц, од официјален Вашинготон и од коалицискиот партнер на Груевски, Али Ахмети.

Намигнуваат кон Запад, вртат кон Исток

Ваквиот застој на евроинтегративниот пат, речиси ги „замрзна“ и испитувањата на јавното мислење за европската иднина на земјата. Никола Спасов, од Агенцијата „Рејтинг“ вели дека немаат нови истражувања на таа тема.

„Сметам дека мислењето на граѓаните по ова прашање не се менува драстично, бидејќи не се менуваат ни политиките ни позициите на Македонија веќе подолго време. Се‘ уште е висока поддршката на граѓаните за влез во ЕУ и НАТО, но се‘ уште е висок и процентот на граѓани кои не прифаќаат никаква промена на името како услов за интеграција. Јавното мислење се менува, пред се‘, под влијание на политиките и пораките кои ги добиваат преку медиумите“, вели Спасов.

Во медиумите, пак, доминираат тези дека Македонија треба да бара други алтернативи, со оглед дека името е непремостлива пречка на европскиот пат. Сефер Тахири, политички аналитичар, не се согласува дека името е единствен проблем.

„Ова не се должи само на нерешавање на прашањето на името, процес во кој не се прават чекори напред, туку и на неисполнување на критериумите барани од ЕУ. Пред се‘, мислам на блокирањето на дијалогот меѓу власта и новинарите и на загрозувањето на слободата на изразување преку различни форми и начини, како што е обидот за усвојување на Закон за медиуми. Македонија не може да се пофали пред ЕУ ни дека го почитува критериумот за неисполитизираност на администрацијата, бидејќи 'спектаклот' со вработувањата во ’Македонски шуми’, покажа дека се‘ уште сме далеку од европските стандарди. Декларативните заложби на власта и на Секратаријатот за европски интеграции дека постојано се обидуваат да ги исполнат обврските дадени од Европската комисија, се во функција на замаглување на јавноста, со цел да се покаже дека земјата има европска агенда, а не некоја друга“, смета Тахири.

Власта од експерти и политички опоненти повеќе пати беше повикувана да соопшти дали има и која е алтернативата за ЕУ. Декларативно, Македонија останува на европскиот пат, но практиката покажува дека политичките и економските интереси честопати имаат различен патоказ - едните кон запад, другите кон исток.