1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тешко без закон, уште потешко со него

За дел од новинарите, закон за медиуми во Македонија воопшто не е потребен, за други е неопходен, а трети стравуваат од законско устоличување на цензурата.

Нацрт текстот на новиот закон за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, кој пред два дена беше презентиран од министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, предизвика различни реакции во медиумската заедница во Македонија. Според Владата, целта на новото законско решение е слобода на изразување и слобода на медиумите, заштита и развој на медиумскиот плурализам и право на информирање и пристап до разновидни и независни информации и програмски содржини, како основни начела на демократското општество. Но, најголемиот дел од забелешките на новинарите се однесуваат на фактот дека тој е подготвен во нетранспарентна процедура и без консултација со медиумските претставници, особено со Здружението на новинарите на Македонија.

Ништо без транспарентност

Министерот Ивановски вели дека веќе имал неформални консултации за законот.

„Лично со нив сум имал неколку неформални состаноци, се дискутирало на сите теми кои ги образложив за законот. Нивниот претседател лично изрази жалење, што со нивниот допис се ставени во позиција да не можат да преговараат со Владата, додека не се донесе одлука за чинот од 24 декември. Мислам дека тие сакаат да партиципираат. Од нив голем број надвор од ЗНМ биле присутни на состаноци, сме дискутирале, сме имале фантастични предлози и тие се ставени, но бараат тоа да биде на неформален начин. Не сакаат да биде формално и јас тоа го испочитував“, изјави Ивановски.

Naser Selmani

Насер Селмани, претседател на ЗНМ

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, одговара:

„Точно е дека реков оти нема да седнеме на иста маса со Владата се‘ додека не се расчистат настаните од 24 декември. Но, нас никој не не‘ консултирал за законот, ни формално ни неформално, ниту сме давале некакви предлози. Му најавив на министерот дека ќе направиме се‘ за да спречиме законот да се донесе на нетранспарентен начин“, вели Селмани.

Повик за реформи во медиумската сфера на отворен и транспарентен начин, вчера испрати еврокомесарот Штефан Филе во обраќањето пред македонските пратеници.

„Напредокот што се постигна лани преку дијалогот меѓу владата и новинарите, беше прекриен со сенката на скорешните настани, што е голем срам. Од суштинско значење е владата повторно да го продолжи дијалогот со новинарите, а тие да се вклучат во реформите во ова поле, но на инклузивен, транспарентен и отворен начин. Нивото на слобода на изразување некогаш станува единственото огледало во кое се гледа квалитетот на демократијата“, рече Филе.

Ново регулаторно тело

Законот предвидува регулирање на правата и обврските на новинарите, уредниците, редакциите и сопствениците на медиумите. Ги регулира обврските на радиодифузерите, сопственичката структура во нив, издавањето на дозволи за радио и телевизиско емитување, работата на јавниот сервис - МРТ. Новина е и регулацијата на онлајн медиумите, кои ќе мора да добијат потврда за регистрација од Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги. Оваа Агенција, која ќе го замени Советот за радиодифузија, добива огромни ингеренции како надлежен орган за сите работи предвидени со законот.

Но, главната дилема во медиумската заедница е дали овој закон ќе ги среди состојбите во медиумите или е вовед во цензура?

Законот е конфузен, нејасен иако задира во суштински сегменти и од професионалното работење, како и во дел од синдикалното организирање, вели Боби Христов, главен уредник на ТВ 24 вести.

„Првото читање открива и опасни елементи на потенцијална можност од цензура и арбитрарни одлуки на новата Агенција, особено во корелација со новиот Закон за граѓанска одговорност. Начинот на предлагање на кандидатите за состав на Агенцијата е враќање назад кон целосна политизација на новото регулаторно тело. Има многу конфузија во законот за да се разграничи 'што е што', со едно прелистување. Но, впечаток е дека содржи многу повеќе од поводот за неговото донесување, а тоа е усогласувањето со директивите на ЕУ, вели Христов.

Symbolbild Medienfreiheit

Дали е воопшто потребен закон, се прашуваат некои новинари

Не е потребен закон

Голем дел од новинарите сметаат дека воопшто не е потребен закон за медиуми. Еден од нив е и Зоран Андоноски, уредник во „Дневник“.

„Законот може само да ги влоши и односите и условите во кои работат новинарите. Особено ќе се искомпликуваат односите новинар-уредник-сопственик“, оценува тој.

Многу негови колеги остануваат на ставот дека професионалноста не може да се регулира или да се обезбеди со закон, туку единствено со лична одговорност и почитување на етичкиот кодекс.

Директорот на јавниот сервис Марјан Цветковски најавува дека МРТ ќе се произнесе за предлозените решенија по почетокот на јавната дебата.

„Прв впечаток е дека овој закон ќе ги регулира односите во медиумскиот сектор, што е за поздравување. Има мали измени во делот на управување со МРТ и се дорегулираат одредени области што не беа регулирани досега. Ќе доставиме до Министерството за информатичко општество подетални анализи и предлози, со цел подобро работење на јавниот сервис, запазувајќи го јавниот интерес. Моето досегашно искуство покажува дека со одредени промени во законската регулатива, драстично ќе се подобри работата на МРТ“, вели тој.

ЗНМ побара рокот за донесување на законот да биде продолжен за три до пет месеци, а заедно со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) и Синдикатот на новинари и новинарски работници, ќе побараат експертиза на законот, за да ги поднесат сите свои предлози забелешки до Владата, со цел да бидат вградени во конечната верзија.