1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тешкото наследство на Чавез

Некогашниот возач на автобус сега е наследник на Уго Чавез, починатиот претседател на Венецуела. Николас Мадуро меѓутоа ќе мора да ги реши проблемите кои неговиот харизматичен претходник не успеа да ги реши.

Изненадувачки тесна е победата на Николас Мадуро на претседателските избори во Венецуела. На опозицискиот кандидат Енрике Каприлес му недостасуваа само околу 235 илјади гласови. Неговите приврзеници се разочарани, а Каприлес тврди дека имало многу неправилности на изборите и повика на ревизија на резултатите и пребројување на сите гласови.

Што и да се случи, едно е сигурно: новиот претседател на оваа јужноамериканска држава го очекува многу работа. Уго Чавез зад себе остави економија во криза. За време на неговиот мандат милиони Венецуелци, благодарение на приходите на државата од нафтата, можеа да се извлечат од сиромаштијата. Но сега оваа земја едвај успева да го прехрани своето население. Венецуела страда од инфлација повисока од 20 насто и од застарената индустрија. Исто така, заработува премалку девизи за отплата на надворешниот долг и покрај тоа што нејзините нафтени резерви се меѓу најголемите во светот.

Чавезовите пропусти

Venezuela Henrique Capriles zeigt knappen Verlust an

Енрике Каприлес

Уго Чавез национализираше бројни компании, во прв ред оние кои се занимаваа со некогаш многу профитабилната нафтена индустрија. Заработувачката од нафтата пред се’ ја вложуваше во огромни социјални програми: евтина храна, вода, станови, струја и гориво за сиромашните.

Чавез не беше великодушен само кон своите граѓани, туку и кон братската левица во странство. Во 14 години колку што беше на власт, на определени земји во кои на власт беа социјалисти им подарил нафта во вредност од 260 милиони евра. Ова за време на предизборната кампања го објави Каприлес. Тое е речиси една десетина од брутодомашниот производ кој според податоците на Меѓународниот монетарен фонд Венецуела го остварила во сите 14 години од владеењето на Чавез.

Но тоа не чинеше само пари. „Чавез ја пропушти можноста да ја намали зависноста од нафтата и да ги засили другите стопански сектори“, вели германскиот експерт Штефан Петерс од универзитетот во Касел и додава: Овој проблем постоеше и порано, но сега е уште полош.“ Така, државната нафтена компанија ПДВСА учествува со 96 насто во вкупниот извоз на земјата. Но и покрај нафтеното богатство Венецуела увезува гориво, бидејќи застарените рафинерии не можат да ги покријат домашните потреби. „Ситуацијата е драматична бидејќи нема основни производи за живот: брашно, месо, шеќер масло. Тешко е да се најдат и тоалетна хартија и лекови“, извести американскиот весник „Волстрит Журнал“ во февруари годинава. Со аграрната реформа огромни површини во сопственост на велепоседници им се доделени на ситните земјоделци, но тоа не ја намали зависноста од увоз на храна. „Чавезовата цел - земјата да може сама да се прехранува, не може да биде остварена во блиска иднина“, вели Штефан Петерс.

Задачите за новиот претседател

Venezuela Nicolas Maduro Wahlsieg

Николас Мадуро

Јасно е дека Николас Мадуро мора да го зајакне стопанството. Но тоа е полесно да се каже отколку да се направи. За да може да вложува во економијата, Мадуро мора да штеди во јавната потрошувачка, смета Петерс. Тој мора да ги намали субвенциите, на пример за гориво. Петерс вели дека во Венецуела полн резервоар бензин чини само малку повеќе од едно евро. Меѓутоа Ана Солиз Ландивар од институтот ГИГА во Хамбург е уверена: „Нема да биде можно да се намали јавната потрошувачка и да се укинат социјалните повластици без ризик од социјална нестабилност“.

А нестабилноста би била погубна за стопанството, се надоврзува бразилскиот економист Антонио Карлос Алвес дос Сантос. Според него, Мадуро најнапред мора да ја врати изгубената доверба во земјата кај инвеститорот, за да привлече нови вложувачи, како од Венецуела така и од странство.

Токму тоа, смета пак Петерс, не е во интерес на социјалистот Мадуро. Напротив тој е уверен дека треба да се ослаби капиталистичкиот начин на производство. Меѓутоа неговата партија досега не успеа да докаже дека се може без капитализмот, барем не целосно.