1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тешки обвинувања против Олмерт во Израел

Израелскиот премиер Ехуд Олмерт кој првпат престојуваше во Германија, уште пред средбите во Берлин со Меркел и Келер, се погрижи за зачуедност кај домаќините и вчудовидувачки реакции во Израел. Во едно интервју за една приватна германска телевизија, за првпат го спомна она што важи за најстрого чувана тајна: дека Израел има атомска бомба.

Ехуд Олмер и Ангела Меркел

Ехуд Олмер и Ангела Меркел

Пратеникот Ариех Елдад од Партијата на национално единство е бесен. Премиерот Ехуд Олмерт не смее да дава интервјуа во кои ќе открива државни тајни, изјави тој за израелското радио и дополни:

„Тој човек не е нормален, не може да биде сфатен сериозно и не е соодветената личност да биде премиер„.

Во Израел јавноста е разбранувана. Олмерт во интервју за германска приватна телевизија се откажа од двосмислената нуклеарна политика и оддаде воени тајни, велат медиумите и опозицијата. Постојано беше повторуван кусиот исечок од интервјуто во кој Олмерт го објаснува ставот кон иранската атомска програма од која Израел се чувствува загорзен:

„Иран отворено и нагласено се заканува дека ќе го избрише Израел од географската мапа. Би можеле да кажете дека тоа е исто ако Иран се стреми кон нешто такво, односно да поседува нуклеарно оружје како Америка, Франција, Израел и Русија„.

Со години израелската политика беше таква да не се одговара на прашањето во врска со атомското оружје. Владата никогаш не ги потврди ниту ги демантира вестите во светот дека Израел располага со атомски боеви глави. Со таквата политика на воздржаност се вршеше и заштита од евентуалниот притисок од САД и Европа врз Израел да се разоружа на тој план.

Се чини сега Олмерт со неговите изјави во Германија, реши да се откаже од таквата политика. „Олмертовото нуклеарно ветување„, пишуваа булеварските весници со исклучителна лутина. Амир Орен, воен коментатор на израелското радио побара воведување воена цензура за премиерот:

„Ако како новинар кажете дека Израел има атомско оружје, дури и без да спомнете детали за какво оружје станува збор и каде е произведено, значи само таа реченица, веднаш ќе слушнете сирени и полициски автомобили што ќе дојдат пред радиото и ќе ве уапсат. Но, Олмерт смее да го направи тоа„.

Освен тоа, олмертовите изјави покажуваат дека станува збор за извесно лудило, кога тој Израел го става во истиот ред со атомски сили и членки на Советот за безбедност како Русија, Франција и САД. Значи, проблемот не е во атомската програма на Израел како таква, туку проблемот е премиерот кој не го држи јазикот под контрола:

„Проблемот е кај Олмерт. Имаме работа со човек кој не може да го контролира својот јазик. Но, неговиот прст е и врз решавачкото копче. Можеме само да се надеваме дека таму еден прст има и министерот за одбрана Перец, но и тоа е мала утеха. Се соочуваме со сериозен проблем со овој премиер„.