1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тешки времиња за слободата на печатот

Насилството и репресалиите врз новинарите ширум светот во 2009 е значително зголемено во споредба со претходната година. Денеска (30.12.09) во Берлин беше објавен годишниот биланс на „Репортери без граници“.

default

Логото на „Репортери без граници“

Според извештајот на организацијата „Репортери без граници“ во 2009 година за време на извршувањето на нивната професија биле убиени најмалку 76 новинари. Тоа е за 16 повеќе отколку во 2008 година. Зголемениот број на убиени новинари се должи пред се’ на убиството на 30 новинари на филипинскиот остров Минданао во ноември годинава.

Можен е егзодус на новинари од репресивните држави

Посебно опасни земји за новинарите, покрај Филипините, се и Сомалија со девет смртни случаи, потоа Пакистан и Русија, каде во 2009 биле убиени по пет припадници на седмата сила.

Генералниот секретар на „Репортери без граници, Жан Франсоа Жулиард стравува дека како последица на растечкиот притисок би можело да дојде до масовен егзодус на новинари од репресивните земји како Иран и Шри Ланка. Властите во овие земји честопати свесно го поттикнуваат бегството на новинарите и блогерите, со цел да го задушат плурализмот на мислења и критики.

Бројот на закани и акти на насилство против новинарите, според годишниот извештај на „Репортери без граници“ пораснал за една третина.

Banner Reporter ohne Grenzen Against online censorship

„Репортери без граници“ засилено протестираат против цензурата на интернет

Речиси 1500 припадници на седмата сила во 2009 година биле погодени од такво нешто, за разлика од 969 во претходната година. Значително е зголемен и бројот на цензурирани медиуми, од 353 во 2008, на 570 оваа година. Вкупно 33 медиумски работници биле киднапирани во 2009.

Блогерите и интернет корисниците на удар на автократските режими

Како посебно опасно, Жулиард го оценува не само известувањето од вооружени конфликти и војни, туку се‘ повеќе и од избори. Како пример во извештајот се наведува насилството и малтретирањето на новинарите во Иран поради нивните критички настроени извештаи пред и по спорните претседателски избори во јуни. На Филипините, пак, новинари биле убивани поради известувањето од изборната кампања на локални избори.

Од друга страна, бројот на уапсени новинари во 2009 благо е намален, наведено е во Извештајот на „Репортери без граници“. Затоа, пак, бројот на апсења на блогери и на интернет корисници речиси тројно се зголемил. Многу авторитарни режими како кинескиот, иранскиот или азербејџанскиот, воведуваат тешки казни за интернет корисниците зашто глобалната мрежа се разви во мотор за демократски протести.

Автор: СН/ЖА/кна

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска