1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Тешки времиња за Доналд Туск

Повеќе од 100 илјади луѓе демонстрираа викендов во Варшава против владините политики. Предводени од синдикатите, граѓаните бараат повеќе социјални права и оставка на владата на Доналд Туск.

Сѐ започна на средината на минатата недела со излегувањето на десетици илјади демонстранти пред зградата на полскиот парламент во Варшава. Три дена подоцна, во саботата бројката нарасна на 100 илјади луѓе кои со плакати и свирчиња шетаа низ градот и бараа повеќе социјална правда. Тоа беа најголемите социјални протести во Полска во последните години, организирани од синдикатот Солидарност и Сојузот на синдикатите.

„Конечно се будиме. Крај за ограбувањето на народот!“, порача шефот на Солидарност Пјотр Дуда. Главна цел на протестите беше владата на либералите и лично премиерот Доналд Туск, од кого бараат оставка и го обвинуваат за корупција.

Јавно изразеното незадоволство не изненади никого- состојбата во државата врие веќе подолго време. Минатата година протестираа медицинскиот персонал и лекарите, потоа околу 7.000 наставници кои по летниот одмор останаа без работа и на крајот земјоделците.

Растечка фрустрација

Der polnische Premierminister Donald Tusk

Доналд Туск

Тоа што на синдикатите сега им појде од рака да соберат толку многу луѓе на улиците, покажува колкава е фрустрацијата. Последниот повод беа зголемувањето на границата за заминување во пензија од 65 на 67 години и намалувањето на работничките права. Кон тоа се надоврзува и лошата прогноза за економскиот развој од само 1,1 проценти. Во Полска, која досега важеше за земја пример за економска трансформација, сега на виделина излегува и втората страна на медалот: голем број невработени и голем број вработени со лоши договори.

Уште од политичките промени во 1989 година, полските влади на граѓаните им „продаваа“ тешки реформи. Резултат од тоа беа зголемените цени и загубата на работни места.

„Додека политичарите зборуваат за раст, инвестиции и стопански реформи, губитниците од трансформацијата на капиталот се чувствуваат не само излажано, туку и заборавено и невидливо“, вели полскиот публицист Даниел Пасент. „Позитивното во протестите е што ние повторно ја гледаме таа страна. Истовремено, барањата на синдикатите делуваат утописки“, вели Пасент.

Демонстрантите бараат минимална плата која далеку ја надминува актуелно гарантираната од 2,92 евра, право на пензија под актуелната граница од 67 години, подобра здравствена заштита и подобра социјална држава, како и промена на Уставот со што ќе се овозможи референдум за вакви прашања.

Полските економисти ги сметаат ваквите барања за погрешни и неостварливи. Многумина дури сметаат дека либералната влада на Доналд Туск треба да изврши натамошни, подрастични реформи на економијата и покрај заканите од синдикатите.

Контрадикторни барања

И според публицистот Пасент реакцијата на синдикатите е контрадикторна. „Проблемот е во тоа што Солидарност, од една страна, бара дијалог со Владата, а од друга делува многу политички и се заканува дека ќе ја урне владата на Туск. Тоа ги прави разговорите многу тешки“.

Protest Warschau Polen Regierung Wirtschaft

Протести во Варшава

Последните анкети покажуваат дека мнозинството Полјаци ги поддржуваат протестите. Во исто време, драматично паѓа и рејтингот на премиерот Туск. До пред две години тој беше најпопуларниот премиер во историјата на Полска. Во меѓувреме, не само што ги загуби симпатиите во анкетите, туку и мнозинството во парламентот му е сведено на само еден глас.

Доколку незадоволството продолжи извесно е дека може да дојде до нови избори, на кои се очекува „камбек“ на Јарослав Качински, поранешниот премиер и лидер на конзервативната ПиС партија. Качински во изминатиот период води популистичка кампања во која главна црта е неговото „симпатизирање“ со Унгарија и тамошниот премиер Виктор Орбан. Една од причините поради која Качински ја загуби власта во 2007. беше токму поларизацијата која ја предизвика во општеството и неговите кавги со ЕУ. Она што не им се допаѓа на многумина Полјаци во моментов, е што немаат друга алтернатива на власта, освен Качински.