1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Тешкиот леб на негувателите во Германија

Во Германија недостигаат 40 до 50 илјади негуватели во домовите за стари лица и болниците, изјави претседателот на Сојузот на приватни понудувачи на социјални услуги, Бернд Мојрер. Како изгледа работата на негувателите?

Славонката Драгица Митлер повеќе од 30 години работи како негувателка во домот за стари лица Розентал, во Бон. Таа секојдневно на старите лица во оваа установа им дели храна и лекови, ги пресоблекува и разговара со нив. Вели дека е среќна што се занимава со оваа хумана професија, но истовремено и нагласува: „Работата е тешка, и физички и психички.“

Затоа таа на сите оние кои размислуваат да прифатат понуда за работа како негувател во Германија им препорачува прво да се преиспитаат колку навистина ја сакаат оваа работа. Зашто, без љубов и пожртвување, вели Драгица, не оди, особено кога негувателите со текот на времето и самите ќе почнат да чувствуваат болки предизвикани од напорната физичка работа. „Грбот почнува да боли, исто како и зглобовите. Но, јас лично сум задоволна. Познавам жени, а во оваа работа најголемиот дел се жени, кои по три-четири години се откажале, зашто нивниот грб не го издржал напорот.“

Altenheim Deutschland

Драгица Митлер на работното место разговара со Гертруд Руцен

Дискриминација на работно место

Драгица вели дека напорот не е само од физичка природа. Во домот се сместени претежно постари лица, некои од нив имале тешки искуства во минатото и нивниот ментален склоп во старотста се променил. „Луѓето се‘ се постари, а колку се постари, толку се и, така да кажам, во главата полабилни.“

Тоа е и една од причините што и во домот за стари лица Розентал во Бон доаѓа до непријатни ситуации, па и случаи на дискриминација на негувателите кои се со странско потекло. Така, се случува некој од жителите на домот да одбие да го негуваат странци, вели Рајнхарт Шмит, управник на оваа установа, во која се вработени 150 работници:

Altenheim Deutschland

Рајнхарт Шмит: се случува жителите на домот да одбијат нега од страна на негуватели странци

„Тоа се луѓе кои припаѓаат на таканаречената воена генерација, имаат по 80 и повеќе години. Може да се случи да одбијат нега, но ние тогаш реагираме на соодветен начин и се обидуваме да го решиме проблемот. Меѓутоа, такви ситуации кај нас не се секојдневие.“

Во други домови за стари лица имало случаи кога старици сосема преплашени се јавувале во полиција кога ќе видат дека негувателката што им донесла јадење носи шамија.

Непознавање на јазикот - голема пречка

Гертруд Руцен веќе седум години живее во домот за стари лица Розентал. Таа вели дека проблемите во комуникацијата и неразбирање со негувателите во најголем дел се должат на фактот што многумина кои дошле од странство се‘ уште не го зборуваат германскиот јазик доволно добро: „Не го разбираат јазикот и не знаат што да направат. Само што имавме таков случај. Негувателката немаше поим што прави.“

Altenheim Deutschland

Домот за стари лица Розентал во Бон

Јазикот не е и единствениот проблем. Бруто платата на негувателите во Германија, во зависност од видот на тарифниот договор, се движи меѓу 1900 и 2200 евра, што за многумина не е доволна мотивација да се определат за оваа работа. Во платата не се пресметани додатоците за ноќна работа и работа на празници. Драгица Митлер вели дека е задоволна од својата плата, со оглед дека работи повеќе од 3 децении. Сепак, работа има се‘ повеќе и тоа би можело и да се награди на адекватен начин: „Со оглед на тоа колку има работа, платите би можеле да бидат подобри. Луѓето кои во Германија доаѓаат за работа не можат ни да претпостават колку многу работа е ова. Секому кој има намера да доаѓа не би му препорачала да доаѓа ако сака само да заработи.“

Парите за квалификуваниот медицински персонал од земјите од поранешна Југославија во минатото не беа единствена причина за доаѓање во Германија, вели директорот на домот Розентал, Рајнхарт Шмит: „Работниците од поранешна Југославија се многу мотивирани, ја сакаат својата работа, ангажирани се. Ние имаме шестмина работници од тој дел на Европа и многу сме среќни поради тоа.“