1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Тешка шлаканица за Берлускони

Италијанскиот уставен суд го отфрли законот за имунитет што премиерот Силвио Берлускони го заштитуваше од судски процес за корупција. Судиите сметаат дека законот кој беше донесен летоска и покрај големите протести, го повредува начелото на рамноправност. Адвокатите на Берлускони во првите свои изјави изразија подготвеност за продолжување на судскиот процес, што беше прекинат за време на летото. Политичките набљудувачи во Рим говорат за тешка шлаканица за Берлускони.

Ова е за Силвио Берлускони веќе втор тежок пораз за неколку недели. Прво, претседателот му рече "не" на законот за медиуми. Сега, уставниот суд ја прекинува неговата реформа во делот на имунитетот. Решението, за Берлускони значи враќање на обвинителна клупа. Судскиот процес во Милано поради поткупување судии ќе биде продолжен.

Процесот беше замрзнат во јуни, откако коалицијата на Берлускони го донесе законот за имунитет. Со реформата беше предвидено петте највисоки носители на функции во земјата, меѓу нив и премиерот, да бидат заштитени од пресуда на италијански судови. Шефот на фракцијата на Берлускони, Ренато Шифани, тогаш реформата ја образложи меѓу другото со тоа дека Берлускони како демократски избран премиер треба непречено да си ја извршува функцијата.

Највисокиот суд во земјата сега го забрани посебниот третман на Берлускони со образложение дека законот за имунитет го крши уставното начело за еднаквост. Со тоа е овозможено продолжување на миланскиот судски процес. Премиерот е обвинет дека во 80-тите години, давал поткуп во продажбата на едно државно претпријатие. Берлускони тоа енергично го демантира. Тој смета дека процесот е политичка кампања насочена против него. Минатиот јуни тој изјави, цитираме: "Јасно е дека кога се фрла со кал врз премиерот, дека се фрла со кал врз целата земја. Се прашувам , како е можно да се трошат пари од граѓаните за процес кој се заснова на измислици". Се чини дека Берлускони сака да ја прифати пресудата на уставните судии. Решението на судиите се почитува, изјави експертот за правни прашања во владеачката коалиција, Донато Бруно. Опозицијата во одлуката на уставниот суд гледа потврда на своите ставови. Таа уште за време на донесувањето на законот во парламентот, реформата ја нарече спротивна на уставот.