1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тешка магла над процесите во Македонија

Ставот на Ахмети дека клучот за излез од кризата е кај ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, директно води кон формирање широка коалиција или кон нов политички договор, сметаат извори упатени во стратегијата на лидерот на ДУИ.

Шпекулации за наводни тајни лидерски разговори меѓу Груевски и Заев, деманти на таквите наводи, но и разни партиски солирања, го одбележуваат крајот на првиот квартал од годината, во кој Македонија и натаму е далеку од избор на претседател на Собранието и нова влада. СДСМ секој ден дистрибуира соопштенија во кои најавува дека наскоро „парламентарното мнозинство, избрано на легитимни избори од околу 700.000 граѓани, ќе постапи според уставните должности и ќе ги избере новиот собраниски претседател и новата реформска Влада“. Тоа досега не се случи, а резултатот од тие најави се сведува на два „ефекта“: мобилизација на надежта кој граѓаните кои гласале за промени и очекување на мирен трансфер на власта, но и мобилизација на граѓаните кои протестираат против „Тиранска платформа“ со став дека ако мнозинството не се откаже од неа, нема да дозволат избор на претседател на парламентот. 

Двете партии демантираат

Во ситуација на целосна блокада на процесите, од кампусот на ДУИ стигнаа две изјави дека деновиве се одржале неколку средби меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за надминување на политичката криза. Едната од пратеникот од ДУИ, Реџаил Исмаили, кој во интервју за ТВ „Алсат-М“ изјави, дека „на тие средби повеќе гледаат како процес за надминување на кризата“. Другата е од портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, дадена за неделникот „Фокус“.

„Според нашите информации, веќе неколку дена се одржуваат лидерски средби помеѓу ВМРО и СДСМ и ние тоа го охрабруваме. ДУИ го изоде својот дел од патот за формирање на новото мнозинство и новата влада. Се надеваме ќе има плод од овие разговори, за кои ние имаме информации дека се одржуваат“, изјавил Османи.

И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ вчера ги демантираа информациите дека Груевски и Заев имале средби за надминување на собраниската блокада.

Kombobild Zoran Zaev und Nikola Gruevski

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ демантираат дека има средби на Заев и Груевски

Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, во емисијата „Патот кон…“ на ТВ Алсат-М, на прашањето за можни тајни средби меѓу Груевски и Заев, изјави дека нејзиниот претседател нема зошто да се среќава со Груевски, додавајќи дека тие информации доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ со  цел да предизвикаат раскол во парламентарното мнозинство. Според неа, ВМРО-ДПМНЕ се обидувало и сѐ уште се обидува да добие амнестија и дека одвреме-навреме такви сигнали испраќале до СДСМ, но смета дека предлози за амнестија нема да ја решат кризата.

„Шеќеринска лаже како Заев“, реагираше со соопштение ВМРО-ДПМНЕ.

„Kолку и да испраќа потсвесни пораки за амнестија, ниту таа, ниту Шилегов, ниту Заев смеат да бидат амнестирани за криминалите кои ги сториле. Залудно му завидуваат на Заев за двете аболиции, првата подарена од Црвенковски за криминалот во 'Глобал' и втората од Катица Јанева за криминалот во 'Пуч'. Одговорност ќе има и за исплаќаните кирии и за скапите јахти, бонбона-бизнисот и раскрчмувањето на државните интереси. Криминалците од СДС се во пакт со нарко-мафијата и сите кои го оспоруваат македонскиот идентитет. Со такви луѓе не може да се дојде до какво било решение позитивно за државата и граѓаните. Единствено решение се нови парламентарни избори“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Мисијата на ДУИ

Прашењето е - кој би бил мотивот на претставници на ДУИ да тврдат дека има средби меѓу Груевски и Заев? Според извори упатени во стратегијата на врвот на ДУИ, Ахмети сака решавањето на проблемот да го префрли исклучиво на „македонски терен“, односно меѓу двете најголеми македонски партии, за на минумум да ги сведе штетите за ДУИ од критиките дека не презема поодлучни чекори за излез од собраниската блокада.

„На овој начин, тој игра две улоги: од една страна декларира непоколеблива припадност кон парламентарното мнозинство, а од друга посредно инвестира во сегашниот безизлез, со тоа што ја исклучува ДУИ како фактор и дел од решението, кога тврди дека клучот за излез од кризата е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Со тоа си обезбедува маневарски простор: ако процесот успее - тој е тука, ако не - ќе се извлече 'без ниедна гребнатинка', бидејќи, наводно, ништо не зависело од него“, велат нашите извори.

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien (Petr Stojanovski)

ДУИ не ги коментира сомнежите за двојна игра

Во раководството на ДУИ се затворени за коментар на ваквите сомнежи за двојна игра, но хронологијата на изјавите на Ахмети, јасно покажуваат дека тој во континуитет прстот го вперува во двете македонски партии. Тоа се нотира и во партиското соопштение по вчерашната работна средба во Тетово меѓу лидерот на ДУИ и францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние.

„Ахмети го информираше амбасадорот Тимоние дека ДУИ продолжи, дури и покрај сите свои претходно преземени чекори, со преземање дополнителни напори за решение, и ги поканува особено двете македонски политички партии да се вклучат без одлагање и да се најде решение и за остварување на очекувањата на граѓаните за мир, стабилност и безбедност“, се вели во соопштението на ДУИ.

Истиот став Ахмети го повтори и по средбата со поранешниот премиер и шеф на шведската дипломатија, Карл Билт.

„ДУИ досега направи сè и вложи многу напори за да се формира парламентарното мнозинство. Но сега одлуката за излез од оваа ситуација и за продолжување на понатамошниот процес е кај големите македонски политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Ахмети.

Пат за широка коалиција?

Според нашите соговорници, ова не е некоја „нова „стратегија“, туку доброосмислена тактика на Ахмети уште по завршувањето на изборите, кога партијата се соочи со драматичен пад на изборните резултати, но и со тесна разлика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Како аргумент дека Ахмети оди по една иста, добро истапкана патека, тие ја посочуваат и неговата изјава од 10 јануари 2017 година во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, само еден ден откако Груевски го доби мандатот за состав на влада, и три дена по објавувањето на заедничката декларација на партиите на Албанците во Македонија. Ахмети тогаш објасни дека во однос на идна коалиција пред ДУИ се четири можни опции, а одговарајќи реторички, посочи и на друга опција.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti (DW/P. Stojanovski)

Али Ахмети со доброосмислена тактика?

„Не можат ли да се обединат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, па како што направивме ние, и тие да состават заедничка платформа? Во текот на сите преговори во една и пол година (Пржинските преговори-н.з), во одредени многу важни моменти, Груевски и Заев се повлекоа во посебна просторија, очи во очи, и изнајдоа заеднички јазик. Тие може да направат коалиција“, рече Ахмети.

Настаните потоа, потврдија дел од наводите на Ахмети: како одговор на „Тиранската платформа“, ВМРО-ДПМНЕ понуди „Патоказ“ за излез од кризата, а веднаш потоа и „Манифест“, по што го повика СДСМ да ги прифати понудените принципи за национално и државно обедување, кои ќе придонесат за решавање на кризата и зачувување на стабилноста.

Според аналитичари, самиот „Манифест“ наликува на програма за Влада на широка и преодна коалиција, чиј мандат би бил да организира нови избори откако во одреден период претходно ќе спроведе некои нужни реформи.

„Ако 'Тиранската платформа' во морална смисла ја спаси ДУИ, 'Манифестот', 'народните протести' и собраниската блокада се цената што ја испорачува ВМРО-ДПМНЕ за да остане клучен играч на политичката маса, а не да замине во опозиција. ДУИ посредно го помага тој процес со инсистирањето дека клучот на решението е меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тоа директно води кон формирање преодна влада или кон политички договор - анекс на Пржинскиот или некој сосема нов“, велат нашите извори.

DW.COM

Поврзана содржина