1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тешка задача за Иванов на лидерската средба

Како да се надмине опозицискиот бојкот на Собранието ? Ова е главната тема на средбата на лидерите на парламентарните партии во Македонија што се одржува попладнево (07.02.2011) кај претседателот Ѓорѓе Иванов.

default

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов

Претседателот Иванов има тешка задача да биде непристрасен медијатор на соочувањето власт - опозиција и да го прекине бојкот на законодавниот дом. Има најмалку десетина крупни политички разлики во спектарот од слободата на медиумите, преку уставните промени, судството, изборното законодавство, па се’ до пописот - теми околу кои Црвенковски, Петковски и Селмани најавија дека нема да попуштат.

Наспроти нив Премиерот Груевски, за кого е неразбирлив потегот за напуштање на парламентот само поради случувањата околу ТВ А1, јавно говореше дека нема официјализирани барања од опозицијата. Но, без минимум согласност за македонските приоритети околу актуелните случувања, шефот на македонската влада не ќе може да се надева на позитивна клима во средбите во Вашингтон, каде заминува кон крајот на овој месец или почетокот на март.

Gruevski Statement.jpg

Премиерот Никола Груевски

Очекуваните разговори со потпретседателот Бајден и државниот секретар Клинтон ќе бидат прв посериозен дијалог на официјален Вашингтон со кој било политичар од македонскиот врв, по самитот на НАТО во Букурешт.

Жерновски: Отсуството на опозицијата води кон злоупотреба

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пред средбата кај Иванов, со критика до Црвенковски, водачот на парламентарниот бојкот.

“Тоа што го изјави дека бојкотот е поради затворање на сметката на еден медиум од страна на судот, е нелегитимно барање, зашто Владата не може да влијае врз одлуките на судот, ниту може да ги смени, така што од таа гледна точка опозицијата нема легитимно барање“, изјави Груевски.

Средбата кај Иванов и овој пат ја одбегна ДПА и нејзиниот челник Мендух Тачи, додека либерал-демократите, што се единствена опозициска група која остана во парламентот, предупредуваат на опасностите да се владее авторитарно со апсолутна законодавна моќ.

Andrej Zernovski

Пратеникот на ЛДП, Андреј Жерновски

“Ваква политичка криза како арогатно злоупотребување на судските органи, истражните органи, се последниот аларм за обезвреднување на демократските норми, така што кризата може да се совлада само со предвремени избори“, кажа Тачи. Од друга страна, Андреј Жерновски (ЛДП) коментираше: „Одсуството на опозицијата од Собранието може да отвори простор за злоупотреба. Кога 1994-98 година немаше опозиција, СДСМ ја спроведе сомнителната приватизација, а кога во 2008 година заедно со СДСМ го бојкотиравме парламентот ВМРО-ДПМНЕ донесе на препад 150 закони, меѓу што и Деловникот на Парламентот, што е недозволиво за демократијата“.

СДСМ нуди заеднички работни групи

Денешната лидерска среба коинцидира и со одлуката на скопскиот суд околу можно деблокирање на сметката на ТВ А1. Ако тоа не се случи соцјалдемократите најавија дека нема да прифатат натамошно учество на лидерската среба кај шефот на државата. Нивни партиски извори за ДВ велат дека на власта и’ нудат „заеднички работни групи што ќе ги подготват законските измени во изборниот закон, уставните промени со кои конечно министерот за правда нема да биде член на Републичкиот Судски Совет,

Mazedonien Das Parlament in Skopje

Како да се вратат опозициските партии во парламентарните клупи?

а ќе се разговара и за пописот чие пролонгирање за лето го бара Нова демократија. СДСМ нема да се врати во парламентот се’ додека работните или експертски групи од власта и опозицијата не ги подготват сите законски измени, вклучувајќи го и прочистувањето на изборниот закон од таканаречените мртви души, но со мониторинг на посебна парлементарна Анкетна комисија“, вели висок партиски функционер на опозицијата.

„Прашање е дали Избирачкиот список е добар. Како да се стекне тоа сознание? Преку заедничка проверка и доверба кон и на податоците. Во ДИК има програма со која може да се проверат податоците за гласачите, мора да се изврши одредена ревизија и тој процес е започнат“ изјави неодамна за ДВ, Александар Новаковски председател на ДИК.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Симе Недевски

DW.COM