1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тешка експлозија го потресе Бејрут

Тешка експлозија во предградие на либанскиот главен град Бејрут однесе најмалку 18 човечки животи, а повеќе од 290 се повредени. Растат тензиите меѓу шиитите и сунитите во Либан.

Населбата во Бејрут каде детонираше автомобилот бомба ја контролира шиитското движење Хезболах и нивните милиции. Од воени кругови се вели дека во возилото имало најмалку 60 килограми експлозив кога експлодираше меѓу населбите Бир ал Абед и Руеис. Шиитските милиции ги оградија околните улици околу местото на детонацијата. Најмалку 18 луѓе загинаа во нападот. Овој податок, според телевизијата Ал Арабија бил издаден од властите за внатрешна безбедност. Една телевизиска станица на Хезболах објави слики од автомобили кои горат и тешко оштетени згради. Многу околни објекти биле оштетени, а биле уништени и автомобили.

Одговорноста за нападот преку видео изјава ја презема досега непозната сунитска група исламисти, кои се нарекуваат „Бригада на Аиша“. Автентичноста на видеоснимката сѐ уште не е потврдена.

Југот на Бејрут е седиште на движењето Хезболах, кое во сириската граѓанска војна се бори на страната на трупите на властодржецот Башар ел Асад и помогна тие да постигнат значајни победи врз претежно сунитските бунтовници. Либан сѐ повеќе се вовлекува во граѓанската војна во соседната земја, а во земјата расте затегнатоста меѓу шиитити и сунитите.

Вчерашниот напад, кој е трет од почетокот на годинава на југот на Бејрут следува еден ден по говорот на водачот на Хезбола Хасан Назрала, во кој тој ја презема одговорноста за нападото од изминатата недела на границата со Израел кога беа повредени четири израелски војнции. Тоа беше првпат по либанската војна во летото 2006 година, ова шиитско движење јавно да се произнесе за напад врз израелски војници.