1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Тешка економска состојба на Балканот

Најновиот извештај на Европската комисија предупредува на забавување на економскиот раст и рекордно високата невработеност на Западниот Балкан. Постепеното опоравување е можно дури од крајот на годината

Од почетокот на годинава во земјите од Западниот Балкан дојде до влошување на економската состојба. Европската комисија во својот последен, квартален извештај за состојба со стопанствата во земјите во процесот на евроинтеграција, предупредува дека продолжува да се намалува Брутодомашниот производ во Хрватска, како и на пад на економскиот раст кој на почетокот на годината беше присутен во Србија и во Македонија. Ситуацијата е слична и во Босна и Херцеговина и во Црна Гора, а како една од причините се наведува порастот на економската криза во самата ЕУ, која директно се одразува врз европската потрошувачка и инвестициите.

Извештајот на Европската комисија ги потврдува и предвидувањата на Светската банка, која, кога е во прашање овој регион, очекува значително намалување на стопанскиот раст во 2012. година, додека во следните неколку години во Западниот Балкан се очекува намален економски раст и тоа под услов да не ескалира дополнително состојбата со должничката криза во еврозоната.

„Би нагласил дека основниот предизвик за економската политика на земјите од Западниот Балкан е фискален“, вели Жељко Богетиќ, водечки економист на Светската банка.

„Јавниот долг е висок, особено во Албанија, Црна Гора и Србија и тие се наоѓаат пред важни предизвици за фискална консолидација и намалување на државниот долг, по можност на начин со кој би се сочувал стопанскиот раст“, вели Богетиќ.

Рекордна невработеност

Russland Wirtschaft Weltbank Zeljko Bogetic

Жељко Богетиќ

И во Светската банка и во Европската комисија предупредуваат поради рекордно високата невработеност на Западниот Балкан, особено меѓу младите. Во извештајот на ЕК се наведува дека невработеноста продолжува да расте, во БиХ достигнува 44 отсто, во Србија 25,5; а во Хрватска 16,4 проценти. Во Брисел велат дека токму социјалната состојба на Западниот Балкан е причина за голема загриженост. Во повеќе наврати од европските политичари и аналитичари можеше да се слушне дека во евроинтегративниот процес, освен за видливите политички теми, земјите аспиранти ќе мора да се соочат и со економскиот предизвик.

„Постои силна врска меѓу политичките реформи и економската состојба во земјата. Реформата на правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал влијаат позитивно врз бизнис климата и ќе имаат ефект и врз потребните домашни и странски инвестиции на Западниот Балкан. Би сакале да видиме и фискална консолидација и поодговорна јавна потрошувачка во регионот. Премногу пари одат на потрошувачка наместо за инвестиции во луѓе или во инфраструктура“, вели Петар Полајнар од Директоријатот за проширување на ЕУ.

Светло на крајот на тунелот?

Од Брисел порачуваат дека предизвиците за стопанскиот раст сега се присутни како во земјите од Западниот Балкан така и во останатите земји-членки на ЕУ. До крајот на годината Европската комисија очекува минимален пораст на БДП од 1,7 отсто во Македонија, и 0,3 односно 0,4 отсто во Србија и во Црна Гора, додека за Хрватска се предвидува рецесија.

Економските експерти сепак гледаат оптимистички на средно и долгорочните стопански перспективи на Западниот Балкан и нагласуваат дека по периодот на воени разурнувања и инфлација, доаѓа фаза на тешки, но неопходни реформи во стопанствата во регионот.