1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Тешка економска година за Западен Балкан

На земјите од Западен Балкан им претстои тешка економска година. Светска банка предвидува намалување на стопанските активности и висок степен на невработеност и сиромаштија. Но, долгорочно, има причина за оптимизам.

По стопанскиот пораст од 2,2 проценти во 2011 година во земјите од Западен Балкан доаѓа до забавување на стопанските активности на еден процент во 2012 година. Причината за тоа се гледа во кризата во еврозоната, која негативно се одразува на трговијата, инвестициите и потрошувачката. Ако кон тоа се додаде стапката не невработеност во регионот од, во просек, 23 проценти, што е двојно повеќе отколку во земјите на ЕУ, како и милион и половина сиромашни луѓе, тогаш краткорочните социјално-економски изгледи за Албанија, БиХ, Македонија, Црна Гора, Србија и Косово се, со еден збор, тешки.

Westbalkan-Wirtschaftskrise

Жељко Богетиќ

„Во овој контекст основен предизвик за земјите од Западен Балкан е оној фискалниот. Јавниот долг е висок, особено во Албанија, Црна Гора и Србија и тие се наоѓаат пред значаен предизвик на консолидација и намалување на јавниот долг со тоа што ќе се направи обид да се зачува стопанскиот раст“, оценува Жељко Богетиќ, водечки економист на Светска банка и автор на економскиот извештај за земјите од Југоисточна Европа.

Светло на крајот на тунелот кое мора да се заслужи

Од Светска банка предупредуваат дека фискалната консолидација не може да биде спроведена без контрола на платите и пензиите и јакнење на фискалната дисциплина во јавниот сектор. „Предизвиците се тешки, но во рамки на неопходното и можното“, вели Богетиќ и нагласува дека е оптимист кога станува збор за долгорочните економски и социјални перспективи на регионот: „Тој феномен го видовме и во други земји кои станаа членки на ЕУ. Оние кои некогаш беа во сличнна, дури и потешка ситуација, како некои земји на источна Европа, забележаа значаен напредок на социјално-економски план, дури и во однос на западна Европа. Тој напредок е реален, но не и автоматски“, вели Богетиќ.

Се формира фонд ИПА 2

Од Светска банка ги повикуваат владите на земјите од Западен Балкан на одговорен пристап кон реформи и силна економска политика. Треба да се намали јавниот долг, а потребна е и реформа на социјалниот сектор, унапредување на владеењето на правото, а со самото тоа и климата за инвестиции:

Westbalkan-Wirtschaftskrise

Петер Полајнар

„Постои силна врска меѓу политичките реформи и економската состојба во земјата. Подобро судство, борба против корупцијата и против организираниот криминал, се одразува позитивно и врз странските и домашни инвестиции“, вели Петер Полајнар од Директоријатот за проширување на Европската комисија.

Во Брисел се проценува дека регионот не е толку погоден со економската криза како што е тоа случај со некои земји членки и дека реформите поврзани со проширување сепак ублажиле некои од ударите. Се наведува и дека Европската комисија веќе работи на формирање на новиот ИПА 2 фонд, кој како и ИПА фондот би бил поврзан со пристапниот процес, но ќе има повеќе секторски пристап кон финансиската помош за земјите во процесот на евроинтеграции.