1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тешка борба во Мексиканскиот залив

„Бритиш петролеум“ објави дека обидот нафтениот извор да се затвори со методот „Топ кил“ завршил со неуспех. Тони нафта и натаму секојдневно се изливаат во морето.

default

Акцијата „Топ кил“ предвидуваше испумпување на стотици тони каллива смеса во дупката на дното на морето, од каде веќе пет недели истекува нафта и земјен гас. Менаџерот на „Бритиш петролеум“, Даг Сатлс, беше видно разочаран што мораше да објави дека обидот заврши со неуспех. „По тридневно спроведување на ’Топ кил’, не бевме во можност да го затвориме отворот на дното на морето“, истакна Сатлс.

Изминативе денови инженерите на „Бритиш петролеум“ сметаа дека акцијата „Топ кил“ има најголеми шанси за успех, меѓутоа на крајот се испостави дека притисокот на нафтата и гасот се многу посилни од пумпите на концернот.

Ова значи дека еколошката катастрофа пред брегот на Луизијана продолжува да се шири. Секојдневно во морето се изливаат илјадници тони сурова нафта. Според проценките на експертите, досега се излеале четириесет илјади тони нафта, со што ова е недвосмислено најголемата катастрофа од ваков вид во американската историја.

Следниот чекор на „Бритиш петролеум“ ќе следува за неколку дена. Овојпат инженерите ќе се обидат да инсталираат цевки, преку кои нафтата ќе ја транспортираат во танкер. Сепак, дали овој метод ќе донесе повеќе успех, ќе биде познато дури во текот на наредната недела.

NO FLASH Ölpest USA Obama besucht Küste

Претсаедателот Барак Обама во Луизијана

Американскиот претседател Барак Обама беше исто така видно разочаран од досегашнтите неуспешни обиди на „Бритиш петролеум“ да го затвори нафтениот извор. При неговата втора посета на Луизијана, Обама уште еднаш го увери локалното население дека ја има целосната поддршка од владата во Вашингтон. „Му го давам својот збор на населението во регионот дека ќе сториме се` што е во наша моќ, колку долго и да трае, да ја сопреме оваа катастрофа, да ги одбраниме нашите природни ресурси, да ја поправиме штетата и да го одржиме регионот на нозе.“

Претседателот исто така најави тројно зголемување на екипите што се борат против еколошка катастрофа во Мексиканскиот залив. Во меѓувреме, многу плажи се затворени, а научни екипи ќе испитуваат дали нафтата има последици врз здравјето на локалните жители.

Автор: ТТ/ АТ/ дпа/ афп/ рере

Редактор: Александра Трајковска