1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Техно, наргиле и фолк

Бејрут е познат по неговите кафулиња, дискотеки и клубови. Тие нудат за сечиј вкус по нешто. Ноќното излегување на младите зависи од тоа во кој кварт живеат. Во градот живеат христијани, сунитски и шиитски муслимани.

default

Либанската престолнина, Бејрут има два милиони жители и возбудлив ноќен живот

Мохамед, Џоан и Џад опуштено седат еден покрај друг на една маса . Пушат и фотографираат со дигитален фотоапарат. Младите Либанци одат редовно во клубот „БО18“:

„ Музиката е извонредна. Најдобра прогресивна музика што може да се слушне“, објаснува Мохамед. Џоан дополнува: „ И јас доаѓам поради музиката . Незаборавна е. Најубавите моменти од мојот живот сум ги поминала овде“.

Чад ја раскажува неговата приказна:

„Јас всушност живеам во Канада и овој клуб овде е најблиску до она што го знам од Канада. Тука во Либан нормално нема клубови, кои се отворени до рано наутро“.

16.08.2008 DW-TV kultur.21 landpartie techno 02

Техно забавите во Бејрут се слични а некогаш и подобри од оние во Европа или САД

Техно- клуб со меѓународна репутација

Клубот „БО18“ во либанскиот главен град е светски познат и се наоѓа на самиот врв на најдобри дискотеки во светот. Публиката е мешана- домашна, Либанци кои живеат во странство и странци. Влезницата не е скапа- десетина евра во локална валута. Заедничко нешто за сите гости е што ја сакаат електронската музика.

Гунтер Сабаг е главен ди-џеј во клубот. Тој неколку години живеел во Швајцарија и во Франција. Тој веќе три години работи во клубот:

„ Тука пуштаме андерграунд музика. Тоа не е по сечиј вкус и не е толку лесна за слушање. Потребно е некое време за да се прифати. Англичаните ја нарекуваат интелегентна музика. Тоа е мешавина од техно, прогресив и минимал, европски звук а не американски, никаков хип хоп и само малку пеење. Секој може да танцува на тоа , доколку сака“ . За Гунтер Сабаг, „БО18“ е институција. Тој уште од млади години беше редовен посетител на клубот. Тоа имаше решавачко влијание врз неговиот музички вкус.

Тогаш „БО18“ беше меѓу првите клубови на Блискиот Исток кои пуштаа електронска музика. На почетокот на 90-те години тој се наоѓаше во друг дел на Бејрут, но со преселбата во населбата Карантина започна да се создава меѓународната репутација на клубот.

Забава во упориштето на Хезболах

Сосема поинаква музика свири во „Ил Понте“. Тука се слушаат песни од популарната либанска пејачка Фаируз или арапски поп. Локалот се наоѓа во јужните предградија на Бејрут на една широка улица која го носи името „Булевар Хади Назрула“. Кога беше отворен пред четири години локалот беше мала сензација во овој дел на либанскиот главен град, кој е контролиран од „ Партијата на Бога“ како што се нарекува себеси радикалната шиитска организација Хезболах. Модерно уредено кафуле, каде младите мажи и жени можат непречено да се среќаваат претходно немало во овој конзервативен дел од градот, а да не говориме за барови или дискотеки.

Libanon Siegesfeier der Hisbollah in Beirut

Хезболах ги контролира јужните предградија на Бејрут

Во „Ил Понте“ може да се пие еспресо, лате макијато, џусеви или безалкохолни пијалаци. Во понудата има и наргиле и бесплатен интернет пристап. Цените се малку пониски отколку во другите градски квартови.

Во еден агол од кафулето седи група студенти. Некои девојки носат шамии, некои не. Наргилето кружи во групата во која е и 20- годишниот студент Ахмад ал Хасан, кој е редовен гостин во „Ил Понте“ :

„Тука се среќавам со пријателите, се забавуваме и пушиме наргиле. По наставата на факултет доаѓам овде. Тоа е промена , ми претставува задоволство и можам малку да се дистанцирам од студиите и од атмосферата дома“.

Населбата Дахија, во која живеат Ахмад ал Хасан и неговите пријатели е густо населена, пред се‘ од Шиити. Многу луѓе живеат во скромни услови. За младите од овие делови на градот кафулињата по должина на широкиот булевар се добредојдени прибежишта. Далеку од очите на нивните родители, тие се среќаваат со своите другари и воспоставуваат контакти со другиот пол. Но во кафулињата во Дахија важат јасни правила. Насар Насар кој е вработен во „Ил Понте“ објаснува:

„Немаме проблеми ако не ги пречекориме границите. Тоа што тука се среќаваат мажи и жени не му пречи никому. Меѓутоа многу е важно да не продаваме алкохол. Тука на аголот се наоѓа Муџама, главното седиште на Хезболах и големата џамија. Кај нас во јужните предградија алкохолот е апсолутно забранет. И за тоа нема некаков закон на Хезболах, туку луѓето ја почитуваат религијата и не би го прифатиле тоа“.

Автор: Мона Нагар/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска