1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Техно Класика: Олдтајмери со стил

Техно Класика важи за најголем и најзначаен саем на олдтајмери во светот. Над 1.200 излагачи од 30 земји во Есен нудат кожа, хром и стара техника - на продажба се повеќе од 2.500 олдтајмери.

default

Техно Класика стана најголемата историска изложба на автомобилските производители. Нивните оддели за класика нудат забава преку своите спектакуларни презентации, како на пример концернот Фолксваген.

„Негувањето на традицијата е неверојатно важно. Важно е да се има традиција и историја. Не сите наши конкуренти го имаат тоа. Ние со нашата историја покажуваме континуитет. Прикажуваме развој на свеста за квалитет, дизајн, технички достигнувања. Многу е важно тоа да се демонстрира и со тоа да се гради доверба“, вели Еберхард Китлер од Фолксваген.

Фолксваген годинава прикажува изложба на тема - мотоспорт. Покрај успешните возила за трки и рели од минатото, може да се видат и уникати - како рели-голфот од 1993 година - А 59. Фолксваген со овој модел кој има 202 киловати (275 коњски сили) првпат ја испробуваше техничката изводливост на електронски управуван погон на четири тркала.

Techno Classica Essen Logo

Рели-легенда се таканаречените „Салцбуршки буби“. На почетокот на 1970-тите Порше Салцбург препарираше некои од „Бубите“ од генерациите 1302 и 1303. Благодарение на тјунингот до 101 киловати (137 коњски сили), „супер бубите“ на рели-трките возеа од победа во победа. „Салцбуршката буба“ со карактеристичните црвено-бело-црвени линии е еден од малкуте автомобили кои ги преживеале лудите времиња.

„Нашиот миленик овде е сосема јасно е Голф двојка ’Пајкс Пик’. Тоа е автомобил кој во 1987 година се искачи на над четири илјади метри високата планина во американската сојузна држава Колорадо. Тоа е двомоторно возило, извонредно нешто. Радо би го запалил моторот, но тогаш веројатно веднаш би добиле забрана да бидеме во халата. Но, фала му на бога, има мотоспорт филмови на кои тоа може да се види“, објаснува Китлер.

Голфот двојка „Пајкс Пик“ може да има предна, задна влеча или погон на сите четири тркала. Двата мотора имаат сила од неверојатни 480 киловати (652 коњски сили). Предизвик со кој возилото и возачот одвај излегуваат на крај.

Во Есен може да се види и конкуренцијата на Голфот двојка „Пајкс Пик“. Тоа е Ауди спорт кватро од серијата еден, кој во меѓувреме важи за икона. Со ова возило Валтер Рерл на легендарната трка во САД го победи „Пајкс Пик“, постигнувајќи рекордно време.

Марката со четири прстени без проблем ве враќа во времето. Автомобилот Унион Гранд При Тип Ц е конструиран од Фердинанд Порше и во 1936 година беше најуспешното германско возило за трки. Неговиот мотор црпи сила од 16 цилиндри. Неговата максимална брзина изнесува 340 километри на час!

Techno Classica 2011 in Essen Flash-Galerie

Експонати од мотоспортот прикажува и Сеат. Со Сеат Панда Група 2 еден млад возач го привлече вниманието врз себе. Неговото име - Карлос Саинз, подоцнежен рели светски првак.

Порше, се разбира, во фокусот го става својот 911. Возилата како Карера РС од 1973 година на аукциите веќе достигнуваат цена од неколку стотици илјади евра. Пред неколку години ваков автомобил можеше да се купи за многу помалку пари.

Се‘ повеќе колекционери во светот бараат класични возила со тркачка историја - тоа е тренд на пазарот. Карера РСР Турбо е во рацете на Порше. Автомобилот со 368 киловати (500 коњски сили) турбо боксер мотор со 6 цилиндри во 1974 година го освои второто место во Ле Ман.

Дури и на „Фолксваген Були“ од година во година им се зголемува цената, иако зад себе немаат тркачка историја. „Фолксваген Були“ се посакувани олдтајмери и одамна имаат постојано место на Техно Класика.