1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Технократска влада- последна опција за Грција

Влада составена од експерти е последната надеж дека Грција ќе избегне уште подлабока политичка криза и ќе мора повторно да оди на избори. За овој предлог на претседателот Папуљас ќе дискутираат водечките грчки политичари

Грчките политички лидери денеска повторно ќе се обидат да формираат нова влада, овојпат составена од технократи, за да се избегнат нови избори. Шефот на државата Каролос Папуљас ги свика сите парламентарни политички партии, со исклучок на крајната десница, во последен обид да се постигне компромис.

Папуљас синоќа се сретна со лидерите на конзервативната Нова Демократија, социјалистичкиот Пасок и Демократската левица во обид да се најде излез од ќорсокакот, и притоа бил изнесен предлогот за формирање технократска влада.

„Тешко е, но мораме да покажеме одговорност и да ги исполниме очекувањата на грчкиот народ“, изјави лидерот на Пасок, Евангелос Венизелос.

Шефот на Демократската левица, Фотис Кувелис рече дека е песимист оти формирањето на влада од експерти е добро решение.

„Му кажав на претседателот дека влада на експерти ќе значи дека политиката е поразена“.

Griechenland Präsident Karolos Papoulias mit den Parteichefs

Папуљас предлага технократска влада

Последниот обид на Папуљас коинцидираше со состанокот на министрите за финансии на еврозоната во Брисел. Официјалниот став на блокот останува дека Грција мора да ги исполни сите свои обврски или да се соочи со последиците. Но, шефот на еврозоната Жан Клод Јункер ги осуди сугестиите дека Грција со сигурност ќе ја напушти еврозоната. Означувајќи ги таквите сугестии како „пропаганда“, Јункер рече дека никој од министрите воопшто не споменал такво нешто.

Германија порача дека најважно е во Грција да се формира нова влада, додека првиот човек на Европската Комисија, Жозе Мануел Барозо изрази надеж дека Грција ќе остане во еврозоната.

Европските и американската берза вчера забележаа големи падови поради стравот на инвеститорите од одржувањето нови избори во Грција, а денеска се очекува трендот да продолжи.

Грција во последните месеци беше предводена од експертска влада на чие чело беше економистот Лукас Пападимос, а надежите сега се дека уште една влада составена од технократи ќе успее да ги протурка неопходните реформи.