1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Техничката влада како „Розмариното бебе“

Власта и опозицијата се на различна бранова должина околу типот и мандатот на владата која ќе овозможи фер избори.

Засега не се водат никакви разговори за формирање техничка влада, потврдуваат идентично четирите партии - потписнички на Договорот од Пржино, но наведуваат различни аргументи зошто нема разговор на оваа тема.

Партиите од владејачката коалиција, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

, потенцираат дека според законот техничка влада треба да се формира сто дена пред избори. Бидејќи договор за изборен датум засега нема, тоа значи дека во полн капацитет продолжува да функционира политичката влада на двата коалициски партнера. Опозицијата, пак, почетокот за излез од кризата го гледа во неопходното формирање влада која претходно ќе ги исполни условите за одржување фер и демократски избори, но останува на ставот дека политичкиот дијалог за нејзиниот формат може да започне само откако целосно ќе се поништи претседателската одлука за аболиција.

Дури и да бидат исполнети сите услови, разговорите за формирање некаква преодна влада соодветна за решавање на предизвиците на кризата, би значеле долги и тешки преговори. Степенот на сегашната криза, според извори упатени во преговорите, покажува дека на земјата и е потребно многу повеќе од класична техничка влада само сто дена пред избори, бидејќи во ситуација на нерешени проблеми, таа би била доживеана само како „Розмарино бебе“.

Власта подготвена за реформи?

Поради ваквите, целосно спротивставени партиски позиции, засега нема никаква инцијатива за обновување на меѓупартискиот дијалог. Опозицијата чека потег да повлече шефот на државата, а власта најавува дека ќе се посвети на реформите.

„Извештајот на Прибе е добра основа за започнување со реформската агенда, за да стигнеме до фаза да имаме кредибилни избори“, вели портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

„Мислам дека оваа влада сега е фокусирана на таа агенда. Се разбира, дека би било добро тоа да е во согласност и со опозиција. Опозицијата ја има својата улога се додека не се утврди датумот за избори. Законот е јасен - влада со учество на опозиција се формира на 100 дена пред избори. Ако не се утврди датум за избори, тогаш како датум останува 2018 година“, вели Османи.

Експертите се сомневаат дека оваа политичка влада ќе ги реши проблемите кои самата ги продуцирала.

„Илузорно е да очекуваме дека во најголема мера истиот состав на владата ќе ги исполни Итните реформски приоритети и/или системските препораки од Извештајот на експертската група предводена од Прибе“, вели д-р Симонида Кацарска од Институтот за европска политика - Скопје.
„Тоа ни го покажува искуството од речиси целата измината година во која елитите кои владеат со Македонија поставуваа 'сопки' на секој можен чекор во спроведувањето на Договорот од Пржино. Истото се однесува и на 'кусата' листа на приоритети поврзани со спроведувањето на изборите, како што се на пример, одвојувањето на партијата од државата или медиумската реформа. И двете овие реформи всушност бараат од владеачката коалиција да ја ослаби својата контрола врз нив, т.е. да направи чекор назад, што сигурно нема да го стори без значителен притисок одвнатре и однадвор“, оценува Кацарска.

Иванов „решава конфликти“ на самит

Според дипломатски извори, добро е што се најавуваат реформи, но уште подобро ќе биде тие навистина да се спроведат. Засега не гледаат индиции дека нешто суштински се работи на тој план, особено не во намалувањето на културата на поделби во општество и враќањето на дијалогот, кои се главни предуслови за инклузивна општествена акција при спроведување на реформите. Она што го сметаат за загрижувачко, е молкот на претседателот на државата, во време кога очекувањата се насочени кон повлекување на аболицијата од негова страна.

На прашањето на „Гласот на Америка“, дали претседателот размислува за

повлекување на аболицијата

, од неговиот Кабинет соопштија: „Претседателот Иванов, како и досега, така и во иднина ќе постапува единствено според Уставот и законите на Република Македонија, и исклучиво во интерес на граѓаните“.

Ако се има предвид дека Иванов и одлуката за аболиција ја донесе „во интерес на граѓаните“, ваквиот одговор од неговиот кабинет повеќе создава конфузија, отколку што дава јасна слика во која насока ќе се одвиваат работите. Дотолку повеќе, што во деновите кога вниманието на домашната и меѓународната јавност е фокусирано на следните потези на претседателот, од кои зависи дали и како ќе почне расплетот на кризата, Иванов замина на хуманитарен самит во Истанбул, каде ќе има обраќање на на тема „Политичкото лидерство во превенирање и решавање конфликти“.

„Добро е да се учествува на самит од таков формат. Но, кога земјата е во тешка криза, кога меѓународната заедница бара начини да помогне и кога кулминираат очекувањата претседателот да ја повлече аболицијата, тоа не е најдобриот момент за предавања на тема 'лидерство во решавање конфликти', во време кога кризата во земјата кулминира“, велат преговарачки извори.

Очекувано посредништво

Советот за надворешни работи на ЕУ вчера не расправаше за состојбата во Република Македонија и покрај барањето на Велика Британија и Германија. Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини ја одложила дискусијата за Македонија за 20-ти јуни, бидејќи министрите што побарале таа точка да биде на агендата, во моментот не биле присутни на состанокот. Дипломатски извори не сакаат да коментираат дали зад формалното образложение за одложување на дискусијата се кријат и други причини, меѓу кои молкот на Иванов околу очекуваното поништување на аболицијата, односно отсуството на какви било сигнали од Македонија дека политичките субјекти имаат искрена волја да ги елиминираат причините што доведоа до кризата. Но, уверуваат дека ЕУ и натаму ќе прави се за да и помогне на земјата. Со оглед дека кризата влегува во нови заплети, и очекувањата во домашната јавност од посредничка помош се повеќе се зголемуваат.

„Меѓународната заедница беше гарант на Договорот од Пржино, оттаму нивните интервенции/вклученоста во дијалогот се нешто што е сосема очекувано“, вели Андреја Стојковски, претседател на Македонскиот центар за европско образование.

„Но, неочекувано е тие да бидат

позагрижени за иднината на Македонија

отколку нашите политички лидери и државници. Последните изјави за загриженост за состојбата во која се наоѓа Македонија само го потврдуваат ваквиот став, иако оваа грижа требаше да биде константна во текот на целото време на разрешување на кризата. За жал, ни Груевски, ни Ахмети, а најмалку Иванов покажуваат дека воопшто ја разбираат сложената состојба во регионот и во светот и нејзиното влијание врз Македонија. Ново охрабрување дека ќе има некакво поместување е меѓународното посредништво од страна на Германија, посетата на заменикот на помошникот на државниот секретар Хојт Ји, изјавите на неколкумина министри за надворешни работи на државите-членки на ЕУ и ставањето на Македонија на дневен ред на денешниот состанок на Советот за надворешна политика и наскоро потоа на Советот за општи прашања. Сето ова укажува дека овој пат кај меѓународната заедница постои сериозна посветеност за надминување на состојбата и дека таквата посветеност ќе продолжи“, уверен е Стојковски.

Додека Македонија чека посредничка помош од ЕУ, и Унијата бара да види домашна волја за излез од кризата. Политичката влада не праќа конкретни сигнали, а опозицијата деновиве ги договара наредните чекори. Од вчера започнаа и нејзините консултативни средби со граѓанскиот сектор, на кои треба да се договорат можни заеднички активности.

DW.COM