1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Техеран: Напад врз Сирија би бил напад врз Иран

Воен напад врз Сирија, Иран ќе го смета за напад врз себе, изјави денеска помошникот на иранскиот врховен верски лидер, Али Акбар Велајати, советник за надворешно-политички прашања на ајатолахот Али Камнеи.

Иран е главниот сојузник на сирискиот претседател Башар ал-Асад, кој веќе речиси две години се соочува со бунт во својата земја.

„Сирија има основна и главна улога во регионот во промовирање на силна политика на отпорот... Поради тоа нападот врз Сирија би можел да се смета и за напад врз Иран и иранските сојузници“, во интервју за новинската агенција Мехр истакна Велајати, поранашниот министер за надворешни работи на Иран, а сега советник на иранскиот верски водач ајатолахот Али Камнеи.

Техеран неколку пати ги предупредуваше западните земји против интервенирањето во Сирија. Иран ја смета Сирија за дел од оската во спротиставувањето на Израел и влијанието на Западот на Блискиот Исток.

Иран и Сирија во 2006 година потпишаа одбранбен договор, но неговите детали се малку познати, а исто така, не е познато дали договорот го потпишале и други држави.

Техеран отворено го поддржува режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, истакнувајќи дека евентуална политичка промена во Сирија мора да дојде преку нови избори, а не да биде диригирана однадвор. Иранската поддршка на Асад ги влоши односите со соседните земји: Турција, Египет, Саудиска Арабија и други арапски држави, бидејќи тие застанаа на страната на бунтовниците во Сирија.

(На фотографијата: Башар ал-Асад, сирискиот претседател и неговиот колега од Иран, Махмуд Ахмадинеџад)