1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тетово: мултиетничноста во практика

Новиот градоначалник на Тетово Сади Беџети најави нов модерен мултиетнички ангажман и претворање на општината во сервис за сите граѓани. Јавноста во регионот изразува поддршка за неговата концепција.

default

Еднакви права и можности за сите

Дали во општина Тетово, со население сочинето од шест етникуми–доминантно од албанскиот, ќе биде постигната посразмерна и поправична застапеност на сите граѓани во одлучувањето на локалните власти? Зашто, факт е, а го покажаа и неколку релевантни проекти и истражувања, дека одделни етнички делови на популацијата со години не се застапени во локалните институции, други немаат влијание врз органите на општината Тетово, а трети се понекогаш предмет на етничка мајоризација и надгласувања.

Tetovo Zentrum, Mazedonien

Тетово: амбициозни планови на новиот градоначалник

Градоначалник како директен партнер на сите граѓани

Новиот градоначалник на Тетово Сади Беџети уште по првите часови, откако завршија годинашниве локални избори, на собирот на градскиот плоштад им се обрати на граѓаните на албански, македонски, на турски и ромски јазик, со ветувања дека ќе биде градски „татко“ за сите. По преземањето на градоначалничката функција од Хазби Лика тој рече: „Ќе работам како слободен граѓанин. Ќе бидам директен партнер на граѓаните. ’Бадинтеровиот принцип’ е правен инструмент, кој ќе ги заштити малцинствата. Но, без оглед што тој постои, во Тетово ќе се конституира и Координативно тело, во кое ќе членуваат Албанец, Македонец, Турчин, Ром, Србин, Влав, а можеби и некои други. Тоа Координативно тело ќе ги брани интересите на етничките заедници.“

Какви се реакциите на најавите?

Како се коментираат најавениот мултиетнички ангажман и стартот на Беџети меѓу луѓето од различни етникуми, од општествениот живот, од експертската јавност и од невладиниот сектор, меѓу оние кои се без партиски и политички ангажмани? Имер Исмаили, предавач по политички науки од Штуловиот универзитет, го изнесува следниот став: „Суштината на дејствувањето на еден градоначалник, премиер, или министер, не е дејствувањето во смисла на симболика – да каже два-три збора на ромски, два-три збора на албански, туку тоа секој, кој живее во еден регион, да се најде себе си во институциите на системот. А тоа може да биде Ромот, Влавот, Србинот, Македонецот, или Албанецот. Значи, сите како етникуми да ја почувствуваат атмосферата во институциите на системот.“

Tetovo, Mazedonien

Тетово:ветувањата да не останат празни

Нов “Имер Селмани“ и во Тетово?

Новинарот од Тетово Гојко Ефтовски прави ваква споредба: „Сади Беџети ќе претставува некој вид ’Имер Селмани’ на локално ниво, бидејќи навистина за него гласаа различни етникуми.“

Абдил Шуќур, Турчин, кројач, критикува отворено: „Како етникум сме оддалечени малку од локалните инстититуции“. Тој додава: „Треба да бидеме рамноправни, оти и ние сме жители на оваа држава, на овој град. Сакаме и ние да учествуваме во сите работи, да имаме во општината наш претставник, бидејќи не сме имале ниту еден. Понекогаш повремено едвај еден. Партиите треба да ни обрнуваат внимание и нам, да ни помогнат, да ни дадат некоја шанса.“

Слично е укажувањето и на Хасан Идриз, раководител на ромската невладина организација „Англунипе - Просперитет“: „Постои проблемот на невклученоста на ромската популација во институциите во локалната самоуправа. Ромите имаат многу проблеми во секојдневното живеење во општина Тетово – од пристапот до здравствениот и образовниот систем до добивањето документи за идентификација и државјанство, бидејќи не се застапени во локалните и другите институции на системот.“

Засилување на реалната, институционална мултиетничност

Нашите соговорници заклучуваат дека „се разбудени оптимизмот и очекувањата“. Арбен Несим, раководител на невладината организација „Призма“ за афирмација на турската култура, истакнува: „Градоначалникот Беџети се изјасни така: дека ќе ги репрезентира еднакво сите етникуми во Тетово, при првиот говор, кога тој се обрати на четирите јазици. Мислам дека ќе го примени тоа во праксата.“

Професорот Исмаили нагласува: „Време е во Македонија да се поработи на мултиетничноста, која ќе се рефлектира во институциите на системот. Тој систем ќе треба да им дава на сите еднакви можности и еднакви права. Да нема доминација на едно мнозинство врз некое малцинство.“

Новинарот Ефтовски посочува: „Сади Беџети нема да дозволи на сметка на други помали, или понезастапени етникуми, да форсира други. Имам впечаток дека тој, сепак, ќе воспостави баланс во општината.“

Навистина, може ли Тетово да прерасне во наредните месеци и години во општина, која ќе биде пример за мултиетничкиот соживот и за соодветната застапеност на малцинските етникуми во процесите на одлучувањето на локално рамниште?

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска