1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тест за мировниот процес

Нападите во Мумбаj во кои загинаа повеќе од 160 луѓе и натаму ги оптоваруваат односите меѓу Индија и Пакистан. И покрај тоа експертите во Пакистан гледаат добри шанси за промена на подобро.

default

Со еднонеделно задоцнување пред индискиот суд ќе се најдe преживеаниот напаѓач од Мумбаи, кој потекнува од Пакистан

Терористичките напади од ноември минатата година го ставија на тежок тест мировниот процес меѓу Индија и Пакистан. Њу Делхи привремено ги прекина редовните консултации со Исламабад и најнапред побара Пакистан да преземе веродостојни чекори против „терористичката инфраструктура“ на негова територија.

Ирфан Хусеин, колумнист во пакистанскиот дневен весник „Зора“ сепак верува дека владите на двете земји се’ на се’ реагирале одговорно за време на кризата. Конечно, вели тој, индиските медиуми беа тие кои го подгреваа расположението против Пакистан, откако стана познато дека атентаторите од Мумбај, потекнуваат од оваа земја. „Повремено постоеја сериозни стравувања дека Индија ќе ги нападне камповите за обука на Талибанците преку границата. Но тие се воздржаа од такво нешто“.

Да нема повеќе „мачкање очи“

Mumbai Schießerei

Една од стравичните сцени во Мумбаи на крајот на ноември минатата година

Од друга страна Хусеин апелира да се покаже разбирање за тоа дека Пакистан по подолго колебање призна дека постои поврзаност на терористите со оваа земја.

„Размислувајте за тоа дека целиот феномен на тероризмот во Пакистан во голема мера се потиснува. И тие постојано велеа ’потребни ни се докази’. Кога Индијците ги испорачаа доказите, Пакистанците можеа да дејствуваат“, вели Хусеин.

Потоа следуваа забрани за екстремистичките организации и апсења на нивните членови во Пакистан, иако притоа во Индија постоеше сомневање за тоа дали овие активности, како и во минатото не претставуваат „мачкање очи“. Ирфан Хусеин верува дека однесувањето на Њу Делхи е условено и од изборната кампања во Индија: „Се надевам дека новата индиска влада по изборите повеќе нема да мора да демонстрира моќ и ќе биде заинтересирана за решение. Конечно Индија има глобални амбиции и нема намера да се вплеткува во регионален конфликт со Пакистан“, вели Хусеин.

Решение за Кашмир со кое ќе се зачува образот

Kaschmir Konflikt Karte

Регионот Кашмир 60 години е „јаболко на раздорот“ меѓу Индија и Пакистан

И меѓународната заедница, а особено САД вршат притисок за повторно приближување меѓу Индија и Пакистан. Соработниците на претседателот Барак Обама повеќепати укажаа на тоа дека конфликтот во Кашмир по повеќе од 60 години мора конечно да биде решен.

Ирфан Хусеин тоа го објаснува на следниов начин: „САД сакаат политичко решение за индиско-пакистанските проблеми, за да може пакистанската армија да се концентрира на случувањата на границата со Авганистан. Поради тоа постои меѓународен притисок за изнаоѓање решение. Не верувам дека Индија ќе попушти многу, но ако Индија на Пакистан му понуди некаков излез од Кашмирскиот проблем со кој ќе се зачува образот, тогаш во Пакистан сигурно би имало луѓе, кои би го прифатиле. Сегашната влада во Пакистан со сигурност и со задоволство би ги подобрила односите со Индија“, вели Хусеин.

Има многубројни извештаи за тоа дека за време на владеењето на поранешниот пакистански претседател Первез Мушарав, преговорите за Кашмир зад кулисите далеку напредувале. Според овие информации била постигната согласност, политичкиот конфликт да се остави настрана и двете страни да се концентрираат на подобрување на конкретните услови за живот на луѓето. При наредното затоплување на индиско-пакистанските односи, страните можат да се надоврзат на овие резултати.


Автор: Томас Бертлајн / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска