1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Тестот за демократија, положен

Тестот за демократската зрелост на нацијата , македонските граѓани го положија. На испит беше и мировниот процес во државата која во последниве години беше во знак на етничка затегнатост. Со успех беше положен и тој испит. Со исклучок на некои престрелки и за Балканот типични рафали на радост, изборите поминаа слободно и демократски. Коментар на Нада Штајнман

default

Не само претседателот на Македонија Бранко Црвенковски ова го означува како успех и потврда на високите демократски вредности во земјата која со сите сили се бори за евро атлантска интеграција. И меѓународниот печат и аналитичарите, комуналните избори во Македонија ги бележат како знак за тоа дека последната етапа во Охридскиот мировен договор од 2001 успешно се спроведува.

Прашањето за малцинските права на овие избори не играше решавачка улога. И тоа се оценува како успех.

Вака погледнато навистина е направен голем напредок. Ново скроените општини во Македонија, во иднина ќе имаат повеќе права. Градоначалниците, дали Македонци, Албанци , Турци или Роми, ќе имаат поголеми ингеренции. Дотука е се добро!

Но дали Македонија има капацитети и свест за новите задачи ? Изостанаа обемни кампањи за објаснување на новата локална самоуправа, а луѓето неподготвени се соочуваат со новите задачи. Досега за се се обвинуваше државата и таа беше одговорна за се. Старите социјалистички времиња не се дамнешно минато. Тоа не е типично само за Македонија , тоа е така и секаде на Балканот, луѓето да се однесуваат според старите социјалистички максими. „Снајди се „ Не постои култура на институции. Граѓаните немаат доверба во институциите на системот затоа што тој не функционира.

За ова не е виновна само Македонија. И Западот пропушти да ја унапредува политичката самоодговорност на луѓето и државата. Сериозните проблеми од сеуште незавршениот политички нов поредок на Југоисточна Европа по распадот на Југославија, беа избегнувани.Место тоа , постојано „европската перспектива „ стануваше се подалечна затоа што се поставуваа нови и се потешки задачи.

Настојувајќи се повеќе да се ориентираат кон европските вредности, принципи и стандарди , одговорните во Македонија ја забораваа економската заостанатост на земјата. А како што знаеме невработеноста и сиромаштијата предизвикуваат фрустрации , го поткопуваат демократското консолидирање и нудат плодна почва за национализам и криминал. Голем е бројот на оние луѓе што се чувствуваат егзистенцијално загрозени . Тие мислат дека државата е рамнодушна и безпомошна во однос на нивните проблеми.

Со оглед на ваквата тешка политичко институционална и економска појдовна позиција Македонија ќе може да ги исполни критериумите за членство во ЕУ по десет или дури и дваесет години. Вака пролонгираниот временски хоризонт крие во себе опасност дека досегашните успеси на стабилизација и спроведување реформи поради политички фрустрации би можеле повторно да бидат поништени. Значи, постојано вртење во круг. А од тоа страдаат луѓето, кои сега впрочем би требале да имаат поголеми права но незнаат што да прават со тоа.

Нада Штајнман