1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Терористи во обид да се провлечат како азиланти?

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих е загрижен: само во јули азил во земјата побарале 9500 луѓе, повеќе од двојно од пред една година. Најмногу ги има од Чеченија.

„Не е алармирачка бројката на баратели на азил, туку ситуацијата со бегалците пред вратите на Европа, кои очајно се обидуваат да стигнат до неа“, е одговорот на ставот на министерот од Гинтер Буркхард, раководител во организацијата Про азил во разговор за Дојче веле. Со оглед на барањата за азил кои досега се стигнати до надлежните служби, германската влада до крајот на годината очекува бројка од 100 илјади луѓе.

Migration Asyl Deutschland

Гинтер Буркхард

„Најголем дел од барањата стигнуваат од државјани од Сирија, Авганистан, Србија, Иран и Пакистан“, објаснува Оле Шредер, парламентарен државен секретар во сојузното министерство во интервју за Дојче веле. Мнозинството баратели на азил поседуваат руски пасош, од јануари до јули 2013 година ги имало над 11.500, од кои 90 проценти се од Чеченија.

Екстремистите се закануваат со напади во Сочи

Тие се погодени од кавкаскиот конфликт, во кој доаѓа до тешки прекршувања на човековите права, истакнува Буркхард од Про азил. Неговата организација предупредува зголемените бројки на бегалците да не се користат за ширење страв и незадоволство во време пред парламентарните избори во Германија. Владиниот претставник Оле Шредер бројките ги толкува поинаку: „Многумина од Чеченија очигледно мислат дека овде можат да работат, што се разбира не е така. Ние, не само поради тоа, го проверуваме секое одделно барање - дали конкретната личност е загрозена од политички прогон“.

Ole Schröder

Оле Шредер

Според проценките на Германската сојузна служба за миграција и бегалци, која ги обработува барањата за азил, секој втор бегалец од Руската Федерација е жртва на кршење човекови права. Меѓу барателите на азил има и 200 исламисти, кои собираат донации или регрутираат борци за ангажман во Кавказ, вака германските медиуми цитираат изјава на анонимен припадник на германската Служба за заштита на уставот. Во исламистичко пропагандно видео на интернет Доку Умаров, лидер на терористичката група „Кавкаски емират“ се заканува со напади за време на одржувањето на Олимписките игри во рускиот град Сочи следната зима.

Гласини за парични подароци

Високиот број баратели на азил има и една друга причина: пари. Секој Чеченец во Германија ќе добие до четири илјади евра, пишуваа кавкаските весници. Бандите шверцери на луѓе ги користат лажните информации за транспорт на Чеченците волни за пат преку Полска и Чешка во Германија.

Tschetschenien Zerstörtes Grosny

Чеченскиот град Грозни, уништен од војна

Рајнер Венд, претседател на Германскиот синдикат на полицајците, дури предупредува: „Борците доаѓаат од граѓанска војна, во која научиле да убиваат“. Тоа што атентаторите на Бостонскиот маратон, кога загинаа три лица и повеќе од 260 беа ранети, потекнуваа од Чеченија, германските власти дополнително ги поттикнува на будност, потврдува и државниот секретар Шредер: „Се разбира, органите на безбедноста мора да внимаваат преку азилот во Германија да не се обидат да се провлечат и терористи“.

Гинтер Буркхард напротив предупредува од паушално ширење расположение против малцинствата како Чеченци или Роми. Зашто, меѓу оние луѓе од Србија кои поднесле барање за азил преовладуваат припадници на ромското малцинство. Стапката на одобрување на право на азил е рамна на нула, истакнува Оле Шредер за Дојче веле.

Roma auf dem Balkan

Ромски деца во Србија

Во Германија смеат да останат само оние кои се зависни од медицински третман кој не би го добиле во Србија.

„Постапката за азил ја забрзуваме, зашто од Србија масивно се злоупотребува германското право на азил“, ја објаснува Шредер сегашната пракса. Србија стреми кон прием во ЕУ. Ромите тогаш би профитирале од правото на слободно движење кое на секој граѓанин му овозможува живот и работа во друга држава во рамките на Унијата. Во Србија не постои политички прогон, потенцира Шредер, признавајќи сепак постоење на тешки услови за живот во јужноевропската земја, посебно за малцинствата, што сепак не е никаква причина за поднесување барање за азил во Германија.

Буркхард пак ситуацијата со човековите права на Ромите во Србија и во сите балкански држави ја оценува како катастрофална. Тие се потиснати на маргините на општеството, дискриминирани и речиси немаат егзистенцијална основа.

Одговорноста на ЕУ

„Без двојба, ЕУ мора да направи нешто повеќе за спречување на прекршувањето на човековите права“, предлага Гинтер Буркхард. Со оглед на висината на бројките на бегалци, неминовно е и прашањето дали интервенциите како оние во Авганистан или Ирак доведоа до подобрување на човековите права, односно дали и по толку години не се работи за нестабилни региони, во кои ќе доаѓа до тешки повреди на човековите права. Илузија би било верувањето дека тамошните случувања ќе останат без последици во Европа, уверен е Буркхард.