1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Терористички закани против Сочи

Околу три недели пред почетокот на Олимписките игри во рускиот град Сочи на интернет се појавија нови закани со напади. Одговорноста за нападите во Волгоград ја презедоа исламистички екстремисти.

Ансар Ал-Суна, исламистичка милитантна група од Северен Кавказ, презеде одговорност за двата самоубиствени напада во Волгоград на југ во Русија, извршени минатиот месец и постави на интернет видео снимка во која се заканува со напади за време на Зимските олимписки игри во Сочи.

Во нападите беа убиени 34 луѓе. На видео-снимката двајца мажи кои седат до црни транспаренти со натписи на арапски јазик, на руски јазик го предупредуваат претседателот Путин дека ако ЗОИ бидат одржани, „ќе му дадат подарок за сета крв на невини муслимани пролена во светот“. Во предупредувањето се додава дека „подарокот ќе биде врачен и на туристите“ кои ќе дојдат на игрите.

Американскиот конгресмен Мајкл МекКол, кој моментно престојува во Москва, смета дека заканите треба да се сфатат сериозно: „Во основа, тие повикуваат на напади врз Олимписките игри. Мислам дека ќе има обиди во таа насока“ изјави тој.

Уште летоска исламистичкиот бунтовнички водач Доку Умаров во Кавказ се закани дека ќе ги спречи Игрите со сите средства. Сочи се наоѓа во близина на Кавказот. Северниот планински регион по војната во Чеченија е упориште на исламистичките бунтовнички групи, кои за цел имаат создавање исламска „божја“ држава.

Олимписките игри во Сочи ќе се одржат од 7. до 23. февруари, а во продолжение од 7. до 16. март ќе се одржи Параолимпијадата. За целиот период на манифестациите се предвидени засилени мерки на безбедност. Во акција ќе бидат околу 37 илјади пoлицајци и војници. Олимпијадата е најкрупниот меѓународен настан во Русија од распадот на Советскиот сојуз во 1991. година и се смета за престижен проект на претседателот Владимир Путин.