1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Терористички акт или крвна одмазда

Во вооружен масакр за време на свадба во југоисточна Турција загинаа најмалку 44 лица. Четворица маскирани вооружени луѓе отвориле оган на прославата, јавуваат локалните медиуми. Причините за инцидентот не се соопштени.

default

Крвавиот чин се случи на југоисток на Турција

Во нападот 44 лица го загубија животот, а уште најмалку 17 лица се повредени, се вели во извештаите на турските телевизии. Тие се повикуваат на канцеларијата на гувернерот на провинцијата Мардин. Во нападот биле употребени и рачни гранати и автоматско оружје. Селото Султанкеј е контролирано од т.н. заштитници на селата, парамилиција поддржувана од турската влада во борбата против забранетата Курдска работничка партија (ПКК). Селото е блокирано од страна на полицијата и не им се дозволува пристап на новинарите.

Точните причини за нападот се’ уште не се познати. Турските медиуми најнапред известуваа за кавга меѓу семејствата на невестата и на младоженецот поради што подоцна било употребено и оружје. Потоа се говореше само за спор меѓу семејства. Невестата е ќерка на селскиот управник. Селаните пак говорат дека станувало збор за крвна одмазда.

Турските власти ја исклучуваат можноста за терористички напад

Но за нападот би можело да постојат и политички мотиви, со оглед дека станува збор за територија во која е активна ПКК, курдската организација која турската влада ја смета за терористичка група, се вели извештаите на турските медиуми. Турскиот министер за внатрешни работи Бесир Алтај меѓутоа ја исклучи можноста дека станувало збор за терористички напад.

„Нашите локални безбедносни сили беа на местото на настанот релативно бргу по инцидентот. Ние во моментов сметаме дека не станува збор за терористички напад. Но, истрагата продолжува“, изјави Алтај. Тој утринава соопшти дека масакрот веројатно бил акт на крвна одмазда и оти полицијата уапсила осуммина осомничени.

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган ја прекина средбата на неговата исламско-конзервативна владејачка партија АКП, за да се информира за настаните.


Автор:Тим Шилинг/СН/АТ/дв
Редактор: Александра Трајковска