1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тероризмот се враќа на сцена во Северна Ирска?

Одметната група од некогаш озлогласената терористичка организација ИРА ја презеде одговорноста за првиот смртонесен напад во Северна Ирска по 12 години. „Вистинска ИРА“ тврди дека ги убила двајцата британски војници.

default

Полицијата врши увид на местото на злосторството

Тоа беше прв пат по 12 години, британски војници да бидат убиени во напад во Северна Ирска. Напаѓачите отвориле оган врз британските војници од еден автомобил во моментот кога во касарната пристигнало едно возило за доставување на пица. Потоа дошло до подолга размена на оган пред касарната, која се наоѓа северно од главниот град на британската провинција, Белфаст.

Двајца војници биле смртно застрелани во нападот, а уште четири лица се повредени, некои од нив потешко. Полицијата ја блокираше околината на касарната и започна опсежна потрага по напаѓачите. Уште во текот на вчерашната ноќ британските и ирските политичари го осудија нападот.

Premierminister Gordon Brown

Британскиот премиер Гордон Браун порача дека извршителите на убиството ќе бидат изведени пред лицето на правдата

„Сметам дека целата земја е длабоко шокирана и ужасната од овој грозоморен напад врз британските војници, кои и служат на земјата и на цивилите, кои само ја извршуваат својата обврска. Наш најголем приоритет отсекогаш била безбедноста на луѓето во Северна Ирска. Ќе сториме се’ за да ја гарантираме оваа безбедност. Ве уверувам дека овие убијци ќе ги изведеме пред суд. Никакви убијци нема да можат да го запрат мировниот процес, кој е подржан од мнозинството на луѓето во Северна Ирска“, порача британскиот премиер Гордон Браун.

Може ли да биде загрозен мирот во Северна Ирска?

По повеќе години мир во последно време заканите против полицијата и армијата во Северна Ирска зачестија. Минатата недела шефот на полицијата во покраината предупреди дека заканата од про-ирските дисиденти не била никогаш поголема од потпишувањето на мировниот договор наваму. Од оваа причина на специјалните сили на армијата им беше наредено да се погрижат за безбедноста во покраината.

Британските медиуми во меѓувреме известуваат дека одговорноста за нападот ја презела одметната група на Ирската републиканска армија наречена „Вистинската ИРА“.

„Станува збор за мали групи. Јас би рекол дека е тоа една нова ИРА“, вели експертот за тероризам Кевин Тулис.

IRA Grafiti in Belfast

Доаѓа ли нова генерација на ИРА?

Ако за ИРА се говори како за семејство, тогаш станува збор за една нова генерација, зашто последниот смртоносен напад врз безбедносните сили беше изведен пред 12 години.

„Гледаме едно ново водство, кое доаѓа од редовите на републиканците, кое е подготвено на насилство и има пристап до оружје и експлозив“, оценува експертот Тулис. Тој во исто време предупредува заканата да не се предимензионира, бидејќи станува збор за мали групи, кои на безбедносните сили веројатно им се познати.

Во Северна Ирска со децении имаше крвави борби меѓу про-британски настроените протестанти и про-ирските католици. Во 1998 година со потпишувањето на договорот на Велики петок започна мировниот процес, кој доведе до релативно стабилна ситуација во Северна Ирска. Од 60-те години на минатиот век наваму, во крвавите судири меѓу протестантите и католиците загинаа 3.000 лица.