1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Термалните води недоволно експлоатирани

Во Македонија постојат најмалку 50 потенцијални извори на термална вода, а откриени се само дваесетина. Но, и тие се недоволно искористени, а има и локалитети каде што овој дар на природата воопшто и не се користи.

default

Најголем процент термални и термоминерални води се користат во бањско-рекреативни медицински центри, еден-два „спа центри“, мал дел за загревање на оранжерии, во индустријата, училиштата и други објекти. Производството на струја од термалните води во Македонија е непознато затоа што се потребни длабоки бушотини и до 1500 метри кои би ја давале потребната температура за оваа намена. Според стручњаците ваквите истражувања се многу скапи и засега во Македонија нема кој да инвестира. Економскиот ефект од искористување на термалните води е голем. На пример, искористеноста на термалните води во Кочани заменува 15 илјади тони мазут годишно. Македонските стручњаци по оваа област затоа сметаат дека државата треба да направи стратегија за поголема искористеност на термалните води преку привлекување на домашни и странски инвеститори.

Најголемите потенцијали во Источна Македонија

Македонија има потенцијал за истражување и експлоатација на термални води. Пред многу илјади години во геолошката историјата на ова тло постоела вулканска активност главно во источна Македонија, што резултирало со создавање на голем број на термоминерални води во нејзината длабочина.

Костадин Јованов, магистер по хидргеологија и помошник-раководител во секторот за минерални суровини на Министерството за економија, ни појаснува кои се тие локалитети со термални води во Македонија. „Позначајни локалитети се кратовско - злетовската вулканска област, каде што веќе имаме добиено резултати. Потоа кочанската област каде што се врши експлоатација на геотермална вода, струмичкиот регион во пределот на Банско и во гевгелискиот регион‘‘.

Електрична енергија од термални води

Gevgelija in Mazedonien

Гевгелија

Но, Јованов потенцира дека тоа се бушотини од 500 до 600 метри на термални води со температура од максимални 70 до 80 степени целзиусови, а кои главно можат да се искористат само за бањите и за загревање на оранжерии, училишта и други станбени и деловни објекти. За нешто повеќе, како што е добивање на електрична енергија од термални води, потребни се длабоки бушотини и до 1500 метри. Тоа во Македонија засега го нема. „За изведба на подлабоки бушотини до длабина од 1.000 до 1.500 метри реално е да се очекуваат многу поповолни податоци. Значи се очекува поголема количина на топли води со поголеми температури. Со изведба на длабоки бушотини би требало да се очекува покрај овие намени, геотермалната вода да може да се користи и за добивање на електрична енергија.“

Тоа се скапи инвестиции, заклучува Јованов, и затоа државата во неможност тоа сама да го стори, треба да привлече домашни и странски инвеститори. „Пред се’ треба да се промовира геотермијата, геотермалната енергија како еколошки здрава и чиста енергија, да се промовираат потенцијалните локалитети со параметрите, со резултатите кои сега ги имаме. Воедно да се понуди и некое законско олеснување за да може да се пројави интерес на домашни и странски компании за вложување во овој дел од минералната суровина‘‘.

Економски бенифит од термалните води

Најдобар економски ефект од искористеноста на термалните води во Македонија засега е од геотермалното лежиште „Подлог-Бање во близина на Кочани, со просечна температура од 73 целзиусови степени. Системот за искористување и експлоатација „Геотерма‘‘ кој е дел од кочанското ЈКП „Водовод‘‘ е димензиониран така што на годишно ниво се постигнува вкупен енергетски ефект, односно замена на 15 илјади тони мазут со геотермални води, што е голема заштеда на електрична енергија, потенцира машинскиот инженер Славе Бундалевски од Регулаторната комисија за енергетика на Македонија. „Системот за геотермална вода во Кочани годишно произведува околу 1 милион и 100 метри кубни на температура од 73 степени целзиусови. Преведено во енергија на годишно ниво тоа е околу 65 гигават часа. Тоа се околу 30 милиони денари, што е приходот којшто фирмата го остварува со сегашната цена за испорачаната геотермална вода‘‘.

Но, на годишно ниво тоа е сепак минимално, под 1 % од вкупната енергија што се користи во Република Македонија. Затоа според стручњаците, државните институции во Македонија, освен за основните геолошки истражувања треба да создадат услови и за детални геолошки, комерцијални истражувања и експлоатација на геотермалните води. Тоа, пак, ќе резултира со поголем економски бенифит од ова природно богатство на Македонија, кое за сега главно лежи неексплоатирано.

Автор: Антоанела Димитриевска

Автор: Трајче Тосев