1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тери Дејвис не открива што му одговорил на Груевски

На Парламентарното Собрание на Советот на Европа е изразено задоволство од позитивните знаци кои доаѓаат од Македонија.

default

Тери Дејвис

Во Стразбур, каде е во тек есенската сесија на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, е изразено задоволство од позитивните знаци кои доаѓаат од Македонија по изборните инциденти. Генералниот секретар на организацијата, Тери Дејвис, смета дека Македонија треба да стане пример за другите земји.

Дејвис, кој во Стразбур имаше средба со новата делегација македонски парламентарци во Советот на Европа, на парламентарците им зборувал за зракот на надеж: „Парламентарците треба да се гледаат како пример дека нештата можат да се променат, за да им се покаже на другите земји дека луѓето со различно етничко потекло, различни религии и различни политички гледишта можат да живеат и работат заедно. Парламентарците не се спротивставија на моите зборови, напротив, делегацијата совршено се согласи со мене. Средбата со новата делегација на Поранешната Југословенска Република Македонија беше многу плодна. Зборувавме за напорите кои се прават во земјата за, како да кажам, да се обединат луѓето наместо да се разделуваат“, рече Дејвис.

Инаку, во новата делегација на Собранието на Република Македонија, се претставени партиите од власта и опозицијата, со исклучок на ДПА. Оваа партија сé уште нема именувано свој претставник и неговото место беше празно.

Преписки без да биде објавена нивната содржина

Генералниот секретар на ПС на СЕ, на прашањето на Дојче Веле, не сакаше да открие што одговорил на писмото кое му го испрати македонскиот премиер Никола Груевски, откако тој побара од генералниот секретар на СЕ да се ангажира во заштитата на правото на македонското малцинство во Грција.

„Општо земено јас водам преписка со шефовите на држави и влади без притоа нивната содржина да биде објавена во јавноста“, изјави Дејвис.

Но, Дојче Веле од свои извори дознава дека генералниот секретар на Парламентарното собрание на СЕ, наводно напишал дека Советот на Европа располага со механизми за контрола на почитувањето на човековите права во земјите членки, како на пример Комисијата за борба против расизмот и нетрпеливоста (ЕКРИ), чии експерти беа во посета на Грција.

DW.COM