1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Теодоракис ја прими наградата на УНЕСКО за музика

„Оваа музика во Грција е забранета„. Вакви етикети беа залепувани на плочите со музиката на Микис Теодоракис во 70-сетите години. Грчкиот композитор беше активен во отпорот против воената хунта и затоа во сопствената земја беше следен. Неговите песни не беа симбол за борбата за слобода само во неговата земја.

Теодоракис во елемент

Теодоракис во елемент

Теодоракис, кој годинава наполни 80, секогаш ја поврзуваше музиката со политиката – до денес. Денеска во Ахен му е предадена музичката награда на УНЕСКО, поради ангажманот за разбирање меѓу народите и мирот.

Микис Теодоракис, роден на егејскиот остров Хиос, за време на Втората светска војна со 18 години му се приклучи на движењето на отпорот против италијанско-германската окупација. Во граѓанската војна меѓу 46 и 48 се определи за страната на левите. Повеќепати е апсен или испраќан во прогонство. Потоа студираше на парискиот конзерваториум кај Оливие Мезијан, а дома со музиката ги славеше првите успеси со своите песни. Од 70-тата живееше во егзил во Париз и во тоа време одржа преку илјада концерти во целиот свет. Стана симбол за борбата за слобода и човекови права. По повторното воспоставување на демократијата, се врати во Грција и се вклучи во политиката – како пратеник на комунистите. Меѓутоа, Теодоракис не беше она што се подразбира под партиски политичар. Им остана верен на своите визии и принципи и никогаш не се воздржуваше јавно и консеквентно да ги застапува своите ставови.

Кога кон крајот на 80-сеттите повторно се заостри конфликтот меѓу Грција и Турција, заедно со турскиот музичар и политичар Зулфи Ливанели ја основаа „Грчко-турската иницијатива за мир„ со цел да го унапредат дијалогот меѓу двете земји. Нивното мото гласеше: Градење мостови со помош на културата. Со заедничките концерти во Турција и Грција, Теодоракис и Ливанели на главно молчаливото мнозинство на обата народа му дадоа средство за изјаснување во полза на мирот. Теодоракис и Ливанели станаа симболи за грчко-турското приближување и претходници за членство на Турција во ЕУ. Актуелниот развој на односите меѓу двете земји и преговорите со Турција за членство во Унијата, Теодоракис вака ги коментира:

„Односите денес се добри. Има овде-онде затегнувања, но наш најголем проблем сепак е што во обете земји нема политичари визионери како Ататурк и Венизелос, како што Французите и Германците ги имаа Де гол и Аденауер. Не е вистина дека Грците и Турците секогаш биле непријатели и секогаш ќе бидат„.

Во време на терористички напади, повторно се поставува прашањето за војна и мир. Теодоракис токму тука ја гледа улогата и задачата на Европа:

„Европа е џин. Тоа е она што ги плаши САД. Се наоѓаме на крстопат на кој мораме да решиме: војна или мир? Тоа е денес најголемата дилема на човештвото. Сите мои надежи лежат врз плеќите на Европа. Сигурен сум дека луѓето во Европа се за мир. Значи, на Европа и треба нова визија што ќе биде во согласност со големото мнозинство. Според мене, Европа на човештвото може да му пренесе две работи: мир и култура. Се друго, на пример економска и воена моќ Американците веќе постигнаа„.