1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Тенис во Македонија: има, ама како да го нема

Спортскиот свет до викендов ги следеше случувањата на првиот грен-слем турнир во 2014-та. Светскиот тенис од ден на ден добива нова се посилна димензија. Каква е партиципацијата во него од македонскиот тенис?

Стотици турнири во сите делови од светот во текот на годината. Илјадници протагонисти. Ривалства кои добиваат митски димензии. Парични награди од кои застанува здивот. Тоа е сликата која секојдневно доаѓа од светските тениски терени. Каква е таа слика во Македонија. Дејан Маринковиќ е селектор на македонската тениска репрезентација. Вака тој го опишува тенискиот момент во Македонија:

„Репрезентацијата е во третата група од Евро-Африканската зона, а се сеќаваме дека пред неколку години котираше многу подобро. Имаме неколку јуниори, кои во својата категорија постигнуваат добри резултати. Мене ме загрижува тениската база, која не е најдобра. Знаеме дека тенисот е скап спорт и границите на вложување се поместуваат надолу, односно почетокот на вложувањата во талентите започнува се порано.“

Малку клубови, слаба тениска база

Во Македонија егзистираат 20-тина клубови, од кои скоро половината се во Скопје. Доволно ли се, во какви услови тие опстојуваат?

„Во Скопје на хартија се десетина клубови.За споредба, во Загреб има 170 регистрирани клубови, во Белград над 150! Македонските клубови се во незавидна ситуација.Тие главно се препуштени самите на себе, имаат сосема мала финансиска партиципација од Агенцијата за млади и спорт. Сето тоа ги оддалечува од можноста да оформат врвни тенисери.“

Македонската тениска „елита“ во моментов ја сочинуват Димитар Грабулоски кој е на 535 место на АТП листата, Томислав Јотовски на 812 место... Лина Ѓорчевска е 518 -та на ВТА листата. Многу далеку од можност за учество на посилни турнири?

„Тоа се нашите најистакнати имиња во моментов. Реков, тенисот е скап спорт. Една професионална програма чини меѓу 50 и 100 илјади евра годишно. Овие

Tennis Australian Open 2014 Finale Rafael Nadal

Големите тениски Грен слем турнири се мислена именка за македонските тенисери

тројца наши тенисери сами се финансираат. Македонската тениска федерација нема средства да ги помогне, така што многу тешко можат да го издржат финасискиот притисок во подолг период. За нив врвните турнири сѐ уште се недостапни. Според некои анализи, прагот за влегување меѓу првите 100 играчи во светот е некаде околу 23 годишна возраст, што значи дека треба да се вложува скоро 10 години за да се мине тој пат до елитата, со надеж дека ќе почне вложеното да се враќа. Тоа се големи средства и малку кој во Македонија може да влезе во таква инвестиција. Грабуловски во своите постари години прави прогрес на АТП листата, а се должи на тоа што тој претстојува во Белгија и успеа да најде свој спонзор, кој претходно го немаше.“

Потиснати ли се талентираните?

Дали во постојаната борба за „преживување“ на тениските клубови, приоритет имаат децата, чии родители се кадарни да ги платат тренинзите,па талентираните момчиња кои не се со таква можност се потиснати? Маринковиќ вели дека има многу објективни бариери:

„Голем проблем е зимскиот период, особено за клубовите во внатрешноста на Македонија. Активноста замрува, затворени тениски терени нема. Онаму каде што има тениски балони, тие се комерцијализирани, бидејќи е скапо нивното одржување. Знаејќи дека создавањето на квалитетен тенисер е најскапата работа, понекогаш таа се запоставува пред комерцијалниот момент. Но, сметам дека оние што имаат средства не им попречуваат на талентираните. Нема голем број на богати, кои би го загрозувале развојот на надежните тенисери.“

Русевски и Магдинчев без свои наследници

Пред 6 години Дејвис куп репрезентацијата на Македонија беше хит во меѓународни рамки, кога стигна до меч за влез во Првата светска група. Можеше ли подобро да се искористи тој момент?

Dejan Marinkovic Tennis Trainer Mazedonien

Дејан Маринковиќ

„Тоа е период за паметење. Пред сѐ, резултат на двајца наши тенисери Предраг Русевски и Лазар Магдинчев. Се случи тие да играат во даден момент во врвна форма. Тогаш Русевски беше на 240 место на АТП листата, Магдинчев беше 330-ти и својата кариера ја градеше во САД со помош на родителите. Беа добри и во игра во двојки... Тениската федерација се обиде да го искористи тој момент, но колку успеа во тоа е за некоја друга анализа. Факт е дека Русевски и Магдинчев не добија свои достојни наследници и сега сме онаму каде што сме, многу ниско на светската тениска скала.“

Околу ангажманот на раководните луѓе во Тениската федерација на Македонија во унапредување на тенисот, Маринковиќ вели:

„Репрезентацијата ги добива неопходните услови за патувања и натпревари. Не е моја работа, ниту можам да ги коментирам мегусебните финансиски договори меѓу играчите и Федерацијата. Она што може да се направи за репрезентативците е да се организираат повеќе „фјучрс турнири“ во Македонија. Тоа би била можност младите да имаат повеќе квалитетни мечеви, без трошок за скапите патувања. Потребен е и поголем ангажман во изработка на програмите за развој на младите тенисери“, заклучува Дејан Маринковиќ, селекторот на македонската тениска репрезентација во интервјуто за Дојче веле.