1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Тениската легенда повторно се срами

Во Германија веќе извесно време се дискутира за феноменот на Борис Бекер кој е на добар пат да стане синоним за сите поранешни врвни спортисти кои се губат во секојдневието откако ќе ја завршат врвната спортска кариера.

Поранешната тениска легенда Борис Бекер издаде автобиографија. И тоа веќе втора по ред, во само 45 години живот. И додека во првата се занимаваше со својата тениска кариера, во втората, по самата природа на нештата, тој аспект изостана. А, имајќи предвид дека по завршувањето на кариерата тој не оствари некои забележителни успеси на други полиња, единствено што му преостана за содржина на мемоарите е неговиот приватен живот. Со тоа, впрочем, и онака веќе редовно ги полни редовите на булеварскиот печат.

Книгата „Животот не е игра“ во продажба се најде на почетокот на октомври, но веќе изби на првото место на најпродаваните. Бекер во меѓувреме редовно се појавува на видео снимки на кои чита делови од својата биографија (која за волја на вистината ја пишувал одбран писател) и така на жедната германска публика секојдневно и дозира детали од книгата. Конкретно, може да се каже дека тој всушност секој ден поединечно се пресметува со по една од бившите жени или девојки. Накусо: сите тие биле лоши кон него, само ја искористувале неговата слава и ги трошеле неговите пари.

Boris Becker Lilly Becker Oktoberfest 2013

Борис Бекер со сопругата Лили

Сите тие приказни, повеќе или помалку, и’ беа познати на јавноста. Но, неговата автобиографија отвори друга расправа: зошто личноста која ја пишуваше спортската историја сега чувствува потреба да се разголува пред очите на јавноста?

Потрагата по адреналин

Одговорот веројатно треба да се бара во сознанието дека многу врвни спортисти и по завршувањето на кариерата остануваат жедни за признание и слава. Но, ниту едното, ниту другото повеќе не можат да се добијат на сметка на нивните постигнувања. Иако се наоѓаат во најдобрите години, димензиите на нивниот успех на спортските терени сигурно веќе нема да ги остварат на некое друго поле.

Со тоа, голем дел од врвните спортисти тешко се соочуваат и помируваат. Затоа кај многумина, особено следејќи ги текстовите во булеварскиот печат, се стекнува впечаток дека тие само бесцелно и помалку загубено лутаат по светскиот џет-сет, во потрага по она неверојатно внимание и дозата адреналин кои редовно ги добивале на спортските терени.

Борис Бекер не успеа да ја пронајде задачата која навистина би го исполнила. А, и таму каде што се обиде не забележа некој успех. Бизнисите му пропаѓаа, за снимање реклами веќе не го повикуваат, а телевизиската емисија која ја водеше остана незабележана. А, тој и тоа како сака да биде забележан.

Во секој случај, со својата нова биографија Бекер го доби вниманието кое што го бараше. Прашањето е само за колку долго? За неколку недели и овие негови интимни исповеди ќе бидат заборавени. А, потоа веројатно ќе мора да издиктира и трета автобиографија, за која сите повторно ќе дискутираат без разлика колку ќе биде бесмислена.

Бидејќи феноменот Борис Бекер, од некоја причина, се’ уште ја фасцинира и поларизира германската јавност, секоја насловна страница со неговиот лик се уште продава по некој екстра примерок на весниците.