1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тензични избори во Тајланд

Во Тајланд денеска се одржуваа предвремени парламентарни избори, во услови кога опозицијата успеа во заканата да го попречи гласањето на повеќе изборни места

Во целата земја, над 129 илјади полицајци внимаваа на избирачките кутии и вкупно 93.500 избирачки места. Гласачките места не беа отворени секаде, откако опозицијата го блокираше отворањето на избирачките места или го попречи доставувањето на изборниот материјал. Изборните власти во Тајланд го одложија гласањето во најмалку пет јужни провинции поради тоа што било попречено доставувањето на изборен материјал. Гласањето е прекинато во Фан Нга, Фаталунг, Пукет, Сонкла и Транг, како и во три од вкупно 33 изборни места во Бангкок.

Изборите во декември ги закажа премиерката Јинглук Шинаватра и покрај повеќемесечните протести со кои се бара нејзина оставка, а главната опозициска Демократска партија објави дека ќе ги бојкотира изборите. Протестите против Владата почнаа во ноември и претставуваат продолжување на осумгодишниот конфликт меѓу средната класа во престолнината, југот на земјата и ројалистите од една страна, и претежно сиромашното селско население од северот на земјата, кое го поддржува Јинглук и нејзиниот брат, поранешниот премиер Таксин Шинаватра, соборен од власт во 2006 година.

Уште една победа на владејачката партија „За Тајланѓаните“ е гарантирана до толкав степен, што главната опозициска партија, која не ги добила изборите повеќе од 20 години, најави бојкот на истите. На денешните избори се натпреваруваат 2.423 кандидати од 53 партии за 500 места во Долниот дом на Парламентот. Изборите се одвиваат без претходна кампања и во услови на политичка криза и протести проследени со насилство, при кои загинаа најмалку 10 лица.

И покрај прогласената вонредна состојба во Бангкок, водачот на протестите Сутеп Таугсубан ги повика своите приврзаници да направат сѐ што е можно за да го попречат гласањето, како што направија во претходниот круг во најмалку 26 изборни окрузи. Изборната комисија соопшти дека 23 февруари е определен за дополнително гласање, кога ќе можат да гласаат оние кои не успеале во првиот круг. Истиот ден, ќе гласаат и оние на кои демонстрантите им попречиле да гласаат. Во вчерашните немири повредени се најмалку седум лица. Утрово ситуацијата е мирна, но подоцна во текот на денот се очекува антивладини демонстранти да излезат на улиците на главниот град за да ги спречат гласачите да дојдат до избирачките места.

Сепак, каков и да е резултатот од денешните избори, јасно е дека избраниот парламент нема да има доволно пратеници за да се конституира. Тоа значи дека Шинаватра нема да може да состави кабинет и со тоа да се усвои буџетот. Сето тоа навестува дека Тајланд ќе остане блокиран во политички безизлез и во месеците кои доаѓаат, се додека не се одржи ново гласање во окрузите каде луѓето денеска нема да успеат да гласаат.