1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тензичен мир во Египет по крвавите судири

По големите нереди со стотици загинати, Египет помина релативно мирна ноќ. До утрото, полицискиот час спречи нови насилства. Приврзаниците на Муслиманското братство и на екс претседателот Мурси најавуваат нови протести.

Ноќеска во Египет немало поголеми инциденти, соопшти претставник на египетската војска за агенцијата АФП. Во повеќе провинции, меѓу другото и во Каиро и Александрија, во сила беше забрана за движење.

Во вчерашните борби, предизвикани од насилното расчистување на протестните кампови на исламистичките демонстранти, следбеници на Муслиманското братство, според информациите од Министерството за здравство, загинале најмалку 278 луѓе, а над 2 илјади се ранети. Муслиманското братство тврди дека бројот на жртвите е многу поголем, портпаролот Ахмед Ареф спомена бројка од 2600 луѓе. Меѓу убиените има и четворица новинари.

Египет тоне во хаос

Телевизиските слики од синоќа прикажуваат морничави слики: додека на улиците на Каиро се движат речиси исклучиво воени возила, од сите страни се издига чад од запалени автомобили. Војската синоќа предупреди - воведената забрана за движење во ноќните часови ќе биде спроведувана со „непопустлива сила“, како што објави весникот „Ал Ахрам“ на онлајн страницата.

Освен тоа, силите на безбедноста ги контролираат и приодите кон Каиро. Со тоа властодржците очигледно сакаа да спречат доаѓање на исламистички борци во престолнината. Министерството за внатрешни работи нареди прекин на железничкиот сообраќај од и кон Каиро.

Преодната влада ја правда својата одлука за насислно расчистување на протестните кампови на приврзаниците на соборениот претседател Мохамед Мурси и Муслиманското братство.

„Дојдовме до заклучок дека работите стигнаа до точка која не може да ја прифати ниедна држава која бара почитување“, изјави премиерот Ал Беблави во телевизиско обраќање. Владата, тврди тој, немала друг избор за „да спречи ширење на анархија“, иако одлуката не била лесна.

Вчера попладнето владата прогласи вонредна состојба. Таа важи на територијата на целата земја и има рок од еден месец, се вели во соопштението на претседателот. Од армијата е побарано да му помогне на Министерството за внатрешни работи при повторното воспоставување на безбедноста. Полицискиот час во веден во Каиро и десет други провинции важи од 21 до 6 часот утрото.

Во текот на вчерашниот ден и ноќта се уапсени повеќе раководни членови на Муслиманското братство.

Специјалци против демонстрантите

Вчера утрото египетската полиција со употреба на сила брутално ги урна двата протестни логори на приврзаниците на Мохамед Мурси. На двете страни имаше повеќе мртви и ранети, откако специјалните единици употребија солзавец и булдожери против демонстрантите. Исламистите одговорија со камења и шишиња фрлани врз специјалците, подоцна и со истрели.

Булдожерите пред себе уриваа бројни шатори, поставени на плоштадот Раба-ал-Адавија во северниот дел од Каиро, каде илјадници демонстранти упорно престојуваат веќе шест недели, поставувајќи свои стражи и барикади и барајќи враќање на функцијата на соборениот претседател Мохамед Мурси.

Насилството се прелеа и во другите градови. На Синај вооружени луѓе нападнаа повеќе јавни објекти. Во горниот дел на Египет според христијански активисти, исламистите нападнале повеќе цркви. Во Алаксандрија исламистите ја нападнале провизорната гувернерска зграда. До судири дошло и во Исмаилија, Асуит, Суец, Бени Суиф, Ал-Шаркија и Ал-Миниа.

Муслиманкото братство пак најавува продолжување на протестите и покрај вчерашните крвопролевања. Војската стравува од нов бран насилства.