1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Тендерот за ЕСМ се затвора

За помалку од еден час се затвора тендерот за продажба на ЕСМ-дистрибуција. Центарот на Скопје е блокиран од здружението “Глас за светлина“.

Централата на ЕСМ

Централата на ЕСМ

Намерата на демонстрантите е да го спречат пристигнувањето на понудите од четирите заинтересирани компании.

“Ќе ја блокираме владата, а исто така и ЕСМ. Ќе има и блокада на четири раскрсници“, вели Ромео Јосифовски од “Глас за светлина“.

Се продаваат 90% од Електростопанство – дистрибуција. Заинтересирани се четири компании: германски РВЕ, австриски ЕОН, италијански ЕНЕЛ и чешки ЧЕС. Попладнево министерот за економија, Фатмир Бесими ќе објави која од нив доставила понуда. Изборот на најповолната и прогласувањето на новиот сопственик е предвидено за утре. Опозицијата праша зошто да се чека цела ноќ и обвини дека се можни манипулации во периодот од добивањето на понудите до нивното јавно отворање. Иако најави дека на јавноста ќе и го презентира купопродажниот договор, владата сеуште не го стори тоа. Се правда дека заинтересираните компании барале доверливост. Министерот Бесими вели:

“Заради овие реакции ние треба да се почитуваме. Јас денеска повторно пратив писмо до компаниите, во кои и официјално побарав документот да може да се изземе од карактер на доверливост“, вели министерот Бесими.

Опозицијата, но и голем дел од експертската јавност се спротивставија на продажбата на ЕСМ и побараа процесот да се одложи до влезот на Македонија во ЕУ. Продажбата во овој момент е штетна за државата, гласеа дел од реакциите, што и оваа приватизација ја направија контроверзна. За договорот се заинтересира и Антикорупциската комисија, која го доби на увид денеска. Јавноста се плаши да не се повтори искуството со продажбата на Телеком и ОКТА, кога со скриени клаузули на купувачите им се овозможија ексклузивни права, од кои македонските граѓани и денеска трпат штети.