1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тенденција кон „не“ на референдумот

ЕМФ/СН/дпа/ртр/афп5 јули 2015

Досега објавените прогнози во Грција предвидуваат тесна победа на противниците на реформскиот курс. Владата во Атина најавува дека ќе работи на брзо постигнување компромис со еврозоната и ММФ.

https://p.dw.com/p/1Ft4Y
Фотографија: Reuters/S. Rapines

Досега необјавените последни истражувања на јавното мислење во Грција предвидуваат благо водство на противниците на досегашниот курс на штедење и реформи во Грција. Сите три анкети, објавени дури по затворањето на гласачките места вечерва (во 18 часот по средноевропско време), го гледаат таборот на „не“-гласачите во водство. Истражувањата се направени пред референдумот, но не смеат да бидат објавени пред изјаснувањето на народот на гласачките места.

Институтот „Марк“ предвидува 49,5 до 54,5 проценти за противниците на реформите и 45,5 до 50,5 проценти за застапниците за мерките за штедење. И институтите „ГПО“ и „Метрон Анализис“ предвидуваат мала предност на противниците. Со првите резултати од денешниот референдум се смета во текот на вечерва. Министерството за внатрешни работи соопшти дека резултати треба да се очекуваат најрано два часа по затворањето на гласачките места (околу 20 часот по средноевропско време).

Портпаролот на грчката влада Габриел Сакеларидис по објавувањето на анкетите изјави дека владата по референдумот ќе преземе се‘ за брзо постигнување реформски компромис со еврозоната и ММФ. Владата во Атина, според негови зборови, стреми кон постигнување договор во рок до 48 часа.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска изјави дека неговата презадолжена земја е одлучна во тоа да донесе одлука за сопствената судбина во еврозоната.

„Никој не може да ја игнорира пораката на одлучност на народот кој ја зема судбината во свои раце“, рече Ципрас откако гласаше на референдумот во основното училиште „Димотика“ во Атина.

Griechenland Referendum
Ципрас беше дочекан со овацииФотографија: Reuters/C. Hartmann

На гласачкото место Ципрас беше дочекан со овации и повиците „Охи, охи" (не,не). Одржувањето на референдумот за спогодбата со европските влади, Европската унија (ЕУ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), го иницираше грчкиот премиер Алексис Ципрас и гласањето беше организирано за само девет дена.

Референдумското прашање гласи „Дали да се прифати нацрт спогодбата што ја претстави Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд на состанокот на Еврогрупата, на 25 јуни, и кој се состои од два документа кои сочинуваат единствен предлог. Првиот документ е насловен „Реформи за довршување на актуелната програма и по неа“, а вториот е „ Прелиминарна анализа на одржливоста на долгот“.

Доверителите на Грција бараат реформи во замена за продолжување на спогодбата за пакетот помош до ноември, но продолжувањето беше одбиено, а програмата за помош завршена како што беше планирано, на 30 јуни, по минатонеделниот крах на преговорите меѓу грчката влада и кредиторите.

Грчката влада не сакаше да го прифати овој предлог без консултации со граѓаните, а премиерот Алексис Ципрас го нарече „ултиматум“ и уцена, додека на другата страна европските претставници истакнуваат дека станува збор за „дарежлива понуда“