1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Темните страни на глобализацијата

Во главниот град на Гана, Акра, почна конференцијата на ОН за трговија и развој, УНКТАД. Во фокусот се зголемувањето на цените на животните намирници и енергијата.

default

Од глобализацијата страдаат сиромашните

Времето на одржување на конференцијата не можеше да биде подобро. Темата гласи „Последици на глобализацијата“. Тема што во последните недели доби многу на значење. Британскиот магазин „Економист“, на пример, текстот на оваа тема го наслови „Тивкиот цунами“, цунами од зголемување на цените. Од зголемувањето на цените на прехранбените намирници и енергијата страдаат пред се‘ луѓето во земјите во развој. Одговорни за тоа се пред се‘ големата побарувачка по житарици во Кина и Индија и зависноста на многу сиромашни земји од увоз на житни производи. За генералниот секретар на УНКТАД, Сипачаи Паничпакди, тоа е главна тема на конференцијата: „Мислам дека мора да бидат преземени итни чекори. Светската програма за храна и Светската банка веќе заземаат иста страна и стратегија за да се стават на располагање доволно финансиски средства. Кризата со прехранбените производи може да ја влоши сиромаштијата во многу земји.“

Шефот на УНКТАД ги критикува аграрните субвенции во индустриските земји. Субвенционираниот евтин увоз од Европа и Америка се причина за лошата состојба на земјоделството во многу земји во развој. Во последните години развојната помош за земјоделството беше запоставена. Сега тоа мора да се промени за државите во иднина да можат подобро самите да ги задоволуваат сопстените потреби. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, вели: „Нашите иницијативи за помош, за трговија, за инвестиции и за намалување на задолженоста, мора да бидат подобро координирани една со друга. Откако сум на должност работам на тоа ОН да ја подобрат ефикасноста со тоа што приоритет ќе и‘ биде даден на развојната политика. Мора да не‘ мерат според резултатите од работењето, а не според зборовите.“

А, како што вели Бан, резултати се потребни итно. Актуелната сосотојба, според него предизвикува загроженост, особено по безредијата за време на протестите против зголемувањето на цените. Зголемените цени се сериозна опасност за стабилноста на многу земји во Африка и други делови на светот. Светската конференција за трговија и развој во време на глобализација добива особено на значење. Таа има многу теми. На пример, ќе се дискутира за тоа зошто богатите земји профитираат од глобализацијата, а повеќето сиромашни не и зошто во некои земји сиромаштијата одвај дека се намалува, и покрај тоа што во тие земји стопанскиот пораст е значителен.