1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Темната страна на туризмот

Туристичките патувања се еден од најголемите фактори за климатски промени. Притоа, најголеми виновници, според една норвешка студија, се Германците, кои со задоволство често патуваат, а и далеку.

Далечните егзотични туристички дестинации веќе одамна се пристапни до пошироките маси. Последниве децении позитивен тренд е демократизацијата на туризмот и негово ширење до сите слоеви на општеството, но и покрај тоа, патувањата се поврзани со транспорт кој е важен фактор во загадувањето на околината и климатските промени.

Автомобилите и авионите се сметаат за најголеми „убијци на климата“. Центарот за меѓународно истражување на климата и заштита на околината (ЦИЦЕРО) со седиште во Осло, Норвешка, објави студија според која автомобилите и авионите се одговорни за 90 отсто од загадувањето предизвикано од туризмот. Патник во еден прекуокеански лет предизвикува штетни гасови колку и еден просечен возач на автомобил за два месеца.

Германците најголеми „убијци на климата“

Студијата на ЦИЦЕРО дојде до уште еден заклучок: за растечкото оптоварување на климата поради патувања до далечни дестинации најодговорни се Германците. Просечниот Германец патува пет пати повеќе од светскиот просек. Притоа, како што пресметале норвешките научници, богатите Германци се најголемите „убијци на климата“.

Inter City Express ICE Zug Deutsche Bahn

Возот и автобусот се најповолни превозни средства кога се работи за заштита на околината

„Десетте отсто најбогати Германци се одговорни за 20 отсто од глобалните климатски промени предизвикани од патувањата“, се вели во студијата. „Најомиленото превозно средство на Германците веќе со години е автомобилот, по кое следи авионот“, вели Дорте Бејер, доцент на катедрата за заштита на околината во Еберсвалде.

Возот и автобусот, како најповолни превозни средства кога се работи за заштита на околината, се на последно место. Притоа, посебно во автобускиот превоз последниве години се вложуваше многу, а новите возила ги задоволуваат највисоките стандарди за издувни гасови.

Но и крстарењето, кое е се` поомилено кај Германците, се вбројува во „убијците на климата“. Германското здружение за заштита на околината, НАБУ, во едно истражување анализираше бродови за крстарење кои до 2016 треба да запловат по светските мориња. Дојде до поразителен заклучок: само мал број од тие бродови имаат посебна технологија за филтрирање на издувните гасови. „Туристичките крстарења не се еколошки и се многу дискутабилни, иако сочинуваат само 0,5 отсто од вкупниот бродски промет“, вели Бејер. Меѓутоа, многу туристички оператори во своите програми нудат еколошки одговорни патувања. „Тоа веќе не се здодевни еколошки дружења, туку нормални туристички понуди“, вели Бејер. Но овие видови на патувања се и поскапи, а тоа секогаш ги одбива муштериите. Интересот за еколошки одржлив туризам во последните 20 години е пораснат, но тој вид на патување тешко го наоѓа патот до корисниците.

American Airlines Flugzeug

Прекуокеанските летови се „смрт“ за климата

Со плаќање до чиста совест

„Еколошки најдоговорен туризам е планинарењето или велосипедските тури. Летање со авион е најлошиот облик на патување кога станува збор за заштита на околината“, вели Дитмар Елигер од НАБУ. Затоа треба да се избегнуваат прекуокеански летови за кратки патувања, како што се на пример, популарните продолжени викенди во САД. Во случај такво патување да не може да се избегне, еколошките здруженија препорачуваат некој вид на паричен надоместок. На интернет страниците на организацијата „Атмосфер“ (Atmosfair) секој може да пресмета колку е штетно по климата неговото патување и со уплата за некој еколошки проект може да си ги „исплати гревовите“ поради шопинг-викендот во Њујорк.