1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тежок ден за Могерини, најтешка неизвесноста за Македонија

Првата дипломатка на ЕУ Федерика Могерини очекуваше денеска да биде избран нов претседател на Собранието, а стигнува во време на продлабочена криза и изолирани повици таа биде прогласена за преона нон грата.

„Поранешен министер на ВМРО-ДПМНЕ, во јавноста познат како 'гробар на независното судство во Македонија', е еден од 'главните експерти', кој со партиски, а не уставно-правни аргументи го советува Иванов за одлуката да не го даде мандатот за влада на СДСМ“, тврдат за Дојче веле извори упатени во сценариото договарано на релација ВМРО-ДПМНЕ - претседател на РМ. Сите други детали, вклучувајќи го и тајмингот за објавување на одлуката, прецизно биле договорени со врвот на партијата што го кандидираше Иванов за претседателската функција. Според истите извори, било проценето дека Иванов треба да ја соопшти одлуката пред доаѓањето на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини „за да ѝ се удри шамар на меѓународната заедница, таа да се стави пред свршен чин, и да се елиминира просторот за притисок“.

Персона нон-грата

Првата средба на Могерини, која денеска доаѓа во неколкучасовна посета на Република Македонија, е планирана токму со претседателот Иванов во 16 часот и 30 минути, а од 18 часот со раководствата на парламентарните партии во Собранието. Два дена преходно Могерини изрази очекување дека денеска ќе биде избран нов претседател на Собранието, но наместо тоа, ќе се соочи со уште подлабока криза. Засега не е извесно дали одлуката на Иванов ќе смени нешто од претходно договорената агенда, но индикативно е што во предвечерјето на посетата на Могерини стигна повик таа да биде прогласена за персона нон грата. Тоа го побара организацијата „Македонски манифест“, која важи за поддржувач на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, а нејзини членови со свои говори се обраќаа на протестите во изминатите три дена. „Македонски манифест“ ги обвини САД и ЕУ дека водат „континуирана фашистичка и терористичка политика кон македонскиот народ и држава, а завршниот удар го прават преку ултиматумите на американскиот Стејт департмент, на генералниот секретар на НАТО и нивните измеќари од ЕУ - Хан, Могерини, Коцијанцич и Жбогар“.

„Македонски манифест ги прогласува сите фаци од типот на Хан, Могерини, Столтенберг итн. за окупатори на Република Македонија и за персони нон-грата. Се повикуваат сите македонски државни институции и претседателот на државата да не им дозволат влез на македонска територија“, порача организацијата со завршен повик: „Долу рацете од Македонија нови хитлеровци!“

Republik Moldau Johannes Hahn in Chisinau

Јоханес хан

Иванов да ја увиди грешката

Дипломатски извори велат дека „со голема загриженост ги следат сите повици и неодговорни изјави кои откриваат драматично скршнување од патот за реализирање на демократските, реформски и интегративни приоритети на земјата, а водат кон матни цели и неизвесност“. Не ги игнорираат ни повиците одредени дипломати да бидат прогласени за персона нон-грата, а за последните настани очекуваат реакција од Брисел, но и од земји членки на ЕУ кои со години го поддржуваат интегративниот пат на Македонија. Синоќа веќе реагираше еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, веднаш по одлуката на Иванов да не му го даде мандатот на лидерот на СДСМ.

„Сите лидери, вклучително и претседателот, мора да го почитуваат исходот од последните избори. Во демократија мора да се признае парламентарното мнозинство, иако некому тоа можеби не му се допаѓа. Политичките лидери и институции да дозволат демократските процеси да течат, во интерес на граѓаните“, порача Хан.

Известувачот во Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Иво Вајгел за „Нова“ изјави дека неочекуваната одлука на Иванов може да значи продолжување на кризата и заострување на ситуацијата. Но, изрази надеж дека Иванов сепак ќе го даде мандатот на партијата која легитимно има право на тоа врз основа на резултатот од изборите и на доказите за мнозинство во парламентот.

„Претседателот Иванов веќе докажа дека е способен да ја увиди грешката кога ќе згреши. Така беше и со амнестијата која неочекувано ја објави. Мислам дека и овој пат станува збор за ситуација во која треба трезвено да размисли и да донесе правилна одлука. Очекувам дека Иванов по оваа изјава ќе увиди што е во интерес на Македонија. Европските институции ставија јасно до знаење а исто го направи и НАТО, дека на Македонија и треба што поскоро ефикасна влада, а јас на тоа би додал дека на Македонија и треба и единство околу основната цел на државата а тоа е интегрирање во ЕУ“, изјави Вајгел.

Edi Rama

Еди Рама

Реагираше и албанскиот премиер Еди Рама, по обвинувањата од Иванов дека „платформатата е постизборен документ изработен и потпишан во туѓа држава, во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава“.

„Господине Иванов, албанскиот јазик не ви е непријател, тоа e јазик на државотворен народ во Македонија. Без Албанците, нема Македонија драг претседателе“, вели Рама.

Фиктивна повреда на унитарноста

И додека поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ го слават Иванов како „голем патриот“, и натаму стигнуваат реакции од правни експери, генерално со став дека „претседателот грубо излегол од уставните надлежности“ и дека „одлуката ја донел врз партиско-политички, а не правни аргументи“. Во политичкиот кампус фокусот е ставен на објаснувањата дека декларацијата на албанските партии не е никаква закана за Македонија, за што прејку Фесјсбук се огласи и лидерот на ДУИ.

„'Заедничката декларација' на албанските партии во ниту една форма не го загрозува унитарниот карактер, ниту пак станува збор за федерализација или поделба“, напиша Ахмети. Тој ги повика албанските политички партии да не ја претворат системската криза во меѓуетнички судир, да ја сочуваат ладнокрвноста и да не потпаднат на однапред подготвени сценарија.

„Ова е политички проблем за кој што политичките партии и институциите треба да најдат најдобро решение за граѓаните“, порача Ахмети.

Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, во тв-настап се осврна на „двојните аршини на Иванов“, кој го даде мандатот на ВМРО-ДПМНЕ без никакви услови во однос на декларацијата на албанските партии. А како што јавно соопшти ДУИ, партијата на Груевски во разговорите за состав на влада ги прифатила решенијата за употребата на албанскиот јазик, што беше една од целите предвидени во таа декларација.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија изрази загриженост дека со претседателот со донесената одлука има намера да ја продлабочи политичката криза во државата, додавајки и безбедносна и опасна интеретничка димензија. ХК го повика Иванов да ја отповика одлуката, оценувајќи дека таа претставува директно кршење на Уставот, директно негирање на волјата на мнозинството граѓани за формирање влада, но и дека е донесена врз оценка за „фиктивна повреда на унитарноста и суверенитетот на државата“.

DW.COM