1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Тежок воздух во Атина

Кризата во Грција стега толку, што граѓаните се откажуваат од се‘ од што можат да се откажат. На пример, наместо на нафта и гас, тие повторно се‘ повеќе се греат на дрва. Притоа, од дрвокрадците страдаат шумите.

Пријамос Парисинос шета осамен низ шума северно од Атина. Службеникот за шумарство се чувствува осамено, затоа што за време на обиколките се‘ почесто наидува само на пенушки. Овојпат станува збор за еукалиптуси.

„Дрвокрадците веројатно дошле од автопатот, кој е на само 30 метри оддалеченост. Поради сообраќајната бучава моторните пили не се слушаат. Затоа можат намира да дојдат дури и напладне и да соберат дрва колку што сакаат“, вели Пријамос Парисинос.

Жицата покрај патот е турната. Шумарските власти се немоќни. Во текот на изминатата година во Атина на дело биле фатени само петмина дрвокрадци, а запленети се само две моторни пили.

Одговорните нерадо ја признаваат својата беспомошност. По големите штети од шумските пожари, во време на економска криза, тие мора да се борат против уште еден проблем:

„Најголемиот дел од дрвата ги крадат оние што живеат во близина на шумите, значи надвор од градовите. Против тоа се бориме така што им ги нудиме дрвата по половина цена. Но, сега со дрва од нашите шуми се служи и градското население, што значи имаме нов проблем, зашто за нив шумските насади никогаш не биле ниту предвидени“, објаснува Јоргос Аморгианотис од Министерствто за заштита на животна средина.

Грците се преориентираат кон греење на дрво, затоа што финансиски веќе не можат да си дозволат нафта и гас. Бројот на трговци со дрва е двојно зголемен. Но, тие демантираат дека продаваат и илегално исечени дрвја и шверцерска стока.

Муштериите не се грижат за тоа од каде доаѓа дрвото. Важна е само цената. Панајотис Малисиовас вели: „И онака купувам само мали количества, колку што можам од малата плата да си дозволам на крајот на месецот. Ако не останат пари, мора да смрзнуваме.“

Навечер и семејството Јатракис мора да ја запали печката. Пред три месеци ја пренамениле нивната печка на нафта, затоа што за греење одела половината од платата на Јоргос Јатракис од 600 евра. Со печката на дрва сега ги загреваат сите соби во станот: „Штедиме до 100 евра месечно. Се загрева цел стан, а трошоците се мали. Не знам зошто воопшто би се враќал на друг начин на греење.“

Михаелис Петракис истражува во сферата на шумарството и знае за една причина која говори против печката на дрва - загадувањето со ситни честички од прашина. Неговата мерна станица високо над градот покажува дека нивната концентрација е блиску до времињата на многу смог во 1970-тите: „Нашите мерења веќе покажуваат вредности кои ги надминуваат границите пропишани од страна на ЕУ. Овие лимити за концентрација на ситни честички се пречекоруваат особено во северните квартови на Атина, каде има смог“.

Здравствените експерти вклучија аларм за Атина и другите големи градови, зашто во печките не се горат само дрва за огрев, туку и мебел и отпадоци.

Лиферантите на масло за греење, како што е Јоргос Цурлис, кој го презел бизнисот од татко му, се соочени со пропаст. Тој продава 80 проценти помалку масло за греење отколку пред две години. Виновна е, како што вели, владата, која со данокот предизвикала зголемување на цената од 1,35 евра за литар. Толку висока цена нема никаде во ЕУ. Синовите навраќаат само неколку пати во неделата и притоа среќаваат разбеснети муштерии.

„Еве, гледате? Над 1.000 евра за 1.000 литри! Дали и во Германија е толку скапо? Но, каква алтернатива имам? Дали ќе биде за земјата подобро ако сечам дрвја во шумите како што прават други?“, прашува Јоргос Цурлис.

Заштитникот на шумите Пријамос Парисинос при обиколката откри две паднати стебла. И веднаш му олеснува: „Ова паднало од ветрот“

Штета од невреме, а не илегално сечење. Неговата служба поседува еден џип, а парите за бензин стасуваат за само две патроли неделно. Парисинос и натаму ќе мора да гледа како неговите шуми стануваат жртви на економската криза во Грција.