1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Театарот е уметност на мигот и тој миг никогаш не се враќа“

Актерот и директор на НУ Драмски театар- Скопје, Бранко Ѓорчев е добитник на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2012 година, за долгогодишни остварувања во културата.

На театарската сцена Бранко Ѓорчев е две и пол децении- десетици главни и споредни улоги во врвни домашни претстави; ТВ и филмски улоги и награди за најдобри актерски остварувања. Во последните години, меѓу сцената и менаџирањето со театарот, енергијата ја насочува на- второто.

Најголемата награда за уметникот на сцената- аплаузот и награда како „Св. Климент Охридски“, само се потврда на разликата меѓу мигот и вечноста, вели актерот Бранко Ѓорчев во интервју за ДВ.

„Театарот е уметност на мигот и тој миг никогаш не се враќа назад. И аплаузот никогаш не е ист. Тој е дел е од мигот кој се случува по завршувањето на претставата, награда што една вечер ја добивате, а следната не! Разликата е што оваа награда ја добивате еднаш засекогаш. И можете дома да си ја врамите! Но, ме поттикнува да се занимавам и со некои работи околу самата професија“.

За каков театар се залагам...

ДВ: Кој е вашиот концепт на менаџирање со Драмски театар (веќе во втор мандат)? Впечаток е дека сте отворени за нови театарски форми, експериментирање?

Ѓорчев: Драмски ја има таа среќна околност да не мора да има „железен репертоар“. Тоа обично го имаат националните театри, а Драмски отсекогаш бил театар кој можел да си дозволи и да експериментира. И тоа го правело поразличен. Го гледам како театар со широка лепеза од различни естетики и жанрови. На нашиот репертоар има класика, национална драма, модерни претстави. Сега работиме мјузикл, кореодрама „Македонска крвава свадба“ и си го земаме правото на експериментирање но, остануваме во доменот на театарската уметност.

ДВ: Колку критериумите за „квалитетен театар“ ги создава публиката, а колку вие, носечките културни институции во земјава кои имате за задача да ги креирате културата и вкусот?

Ѓорчев: Секогаш се кршат копјата околу одредувањето на квалитетот на една театарска претстава. Може да е посетеноста, рецензија, гостување на фестивали и таа претстава да биде бргу симната од репертоар. Не постои правило за да го одредите квалитетот. Сепак, театарот го сочинуваат- актерот и гледачот. Но, кога гледаноста на претставите ќе се намали до одредена бројка, јас ја имам и таа неблагодарна задача да ја симнам претставата од репертоарот.

Македонскиот театар е сиромашен уметнички театар со своја естетика

Theater in Skopje, Mazedonien

Драмски театар (архива)

ДВ: Изјавивте дека „Македонија станува театарска и творечка сила во регионот особено со новите театри- охридскиот на пример -во време кога згаснуваат театарски фестивали во соседните земји“. Вашиот став- каков театар имаме, генерално?

Ѓорчев: Во моментов имаме театар кој се базира врз актерот. Помалку е режисерски театар и повеќе е свртен кон „источниот“ театар. За жал, во технолошка смисла сме многу далеку од европскиот театар, кој во себе ја содржи магијата од филмот. Кога ќе погледнете претстава во Париз на пример, се шокирате кога на сцената ќе ви се појави река! Засега тоа не можеме да си го замислиме. Тоа е затоа што во последните 20 години театарските згради и технологијата се запоставувани. Затоа, повеќе одиме кон сиромашен уметнички театар кој има друга естетска вредност. Отворањето нови театри е дел од културното инвестирање и можеби нема да се вратат како пари но, ќе ни се врати културата.

Најдобрите актери повеќе ги слушаме на ТВ отколку што ги гледаме на сцена!

ДВ: Неизбежно прашање- каде се актерите меѓу долготрајното и нескротливо цунами од синхронизирани ТВ серии, од една страна и сцената, од другата?

Ѓорчев: Се најдовме во апсурдна ситуација- најдобрите актери почнаа да играат на телевизиите или синхронизираат странски серии. Публиката ја поделивме- дали сака да нè гледа во живо или да ни го слуша гласот! Дали Бранко Ѓорчев да биде слушан во некоја турска, шпанска или друга серија или да го гледаат во претстава? Провокација е кога само со гласот успевате да и’ се наметнете на публиката. Тоа е исто како да си ги врзете рацете и да пробате да трчате! Секако дека е полесно да се трча со одврзани раце. Синхронизацијата е нормална работа- период на актерот додека не му дојде следната улога на филм или телевизија. Тоа е и начин на кој се штити сопствениот јазик. И не верувам дека се намалува посетеноста! Ако театарот преживеал три илјади години, не гледам зошто не би се прилагодил и во следните години?!

ДВ: Во која улога би сакале најмногу да се најдете во моментов- на сцената, до неа...?

Ѓорчев: Еден од најголемите актери во светот кој го обожувам- покојниот Лоренс Оливие, говорел „филмот го сакам поради хонорарите, телевизијата- поради популарноста, а театарот го сакам поради уметноста и себедокажувањето. Оваа дефиниција некако најмногу „држи“.